Глобалниот БДП ќе изнесува 104 трилиони долари во 2022 година

24

Збирот на глобалниот бруто домашен производ (БДП) во 2022 година ќе ја надмине магичната граница од 100 трилиони американски долари. Тоа значи дека светската економија ќе создава производи и услуги во оваа календарска година во споменатиот рекорден износ, покажуваат прелиминарните резултати на Меѓународниот монетарен фонд.

И покрај кризата во синџирите на снабдување и војната во Украина, а од друга страна поттикната од отворањето по врвот на пандемијата на коронавирусот, светската економија ќе достигне 104 илјади милијарди долари БДП.

За потсетување, врз основа на збирните номинални податоци со кои располага ММФ, вредноста на светскиот БДП во 2020 година изнесуваше 88, а во 2021 година 94 трилиони долари.

Врз основа на овие статистички показатели евидентно е дека постои јасен тренд на раст, но тој треба да се толкува со претпазливост, имајќи ги предвид ефектите од високата инфлација во тековната година. Глобалниот годишен раст на БДП за 2022 година првично беше проектиран на 4,4 проценти во јануари, но оттогаш е ревидиран на 3,6 проценти, со добри изгледи за уште помал раст на крајот.

Гледајќи ги резултатите на поединечни земји, Соединетите Американски Држави остануваат економски лидер во светот, со годишен БДП од 25,3 трилиони долари – што претставува речиси една четвртина од глобалното производство. Кина, се разбира, е на второто место, а брзо го намалува јазот во однос на САД – 19,9 трилиони долари.

Додека растот на БДП на Кина е забавен во последниве години, проекциите сè уште покажуваат дека земјата ќе ги надмине САД до 2030 година и ќе ја преземе водечката позиција.

Лидер во Европа е германската економија со 4,3 трилиони долари, додека на второ место е Велика Британија. Единствена значајна промена во однос на минатогодишните резултати е позиционирањето на Бразил во првите десет во светот, со 1,8 трилиони долари. Бразил ги остави зад себе Русија и Јужна Кореја, со приближно ист годишен БДП од 1,8 трилиони долари.

Регионите на Блискиот Исток и Северна Африка се очекува да доживеат раст во блиска иднина, благодарение на повисоките цени на нафтата – особено Ирак и Саудиска Арабија се водечки во оваа прогноза. Се очекува дека регионалниот раст на БДП на оваа територија ќе биде околу пет проценти во 2022 година.

Според ова рангирање на ММФ, најнизок остварен БДП ќе има полинезиската островска држава Тувалу, со околу 66 милиони долари.

Од земјите на поранешна Југославија, највисоко се пласира Хрватска, на 79. место со прогноза од 69,46 милијарди долари. Србија е на 82. позиција со 65,04 милијарди, а Словенија е на 85. позиција со 63,65 милијарди. Босна и Херцеговина (113. во светот), Северна Македонија (134.) и Црна Гора (149.) заедно генерираат 43,58 милијарди долари БДП во 2022 година.

Иако глобалниот економски раст веќе е ревидиран надолу, можно е ситуацијата да биде уште посериозна. Организациите како Светска банка велат дека ризиците од стагфлација растат.

Стагфлацијата, која не се случила во последните педесет години, се дефинира како „постојано растечка инфлација во комбинација со стагнација на економскиот резултат“.

За разлика од ММФ, Светска банка очекува глобалниот раст да се намали од 5,7 отсто во 2021 година на 2,9 отсто во 2022 година, што е значително пониско од прогнозата од 4,1 отсто во јануари. Се очекува да се движи околу тоа темпо во 2023-2024 година бидејќи војната во Украина ги нарушува активностите, инвестициите и трговијата во блиска иднина.

Како резултат на штетите од пандемијата и војната, нивоата на приход по глава на жител во економиите во развој оваа година ќе бидат речиси пет проценти под нивниот тренд пред пандемијата.

„Војната во Украина, блокадите во Кина, прекините во синџирот на снабдување и ризикот од стагфлација го кочат растот. За многу земји рецесијата ќе биде тешко да се избегне“, рече претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, во своето редовно обраќање пред медиумите кон средината на годината.

„Пазарите гледаат напред, затоа итно е неопходно да се поттикне производството и да се избегнат трговските ограничувања. Потребни се промени во фискалната, монетарната, климатската и должничката политика за да се спротивстави на погрешната распределба на капиталот и нееднаквоста во распределбата на придобивките“.