Глобалните централни банки купија 18,5 тони злато во јануари

Глобалните централни банки го зголемија обемот на злато во нивните златни и девизни резерви за 18,5 тони во јануари, според прелиминарната проценка објавена денеска од Светскиот совет за злато (WGC).

„Централните банки беа многу заинтересирани за златото и во јануари“, коментира аналитичарката на Светскиот совет за злато, Мариса Салим.

Најголем интерес за злато е забележан на пазарите во развој.

Најголеми купувачи на овој благороден метал во јануари беа Узбекистан, кој ги зголеми резервите за 8,1 тони, како и Кина со пет тони и Казахстан со 3,8 тони.

Полска набави 3,1 тони злато во првиот месец од 2025 година, Индија 2,8 тони, Чешка 1,7 тони и Катар 1,3 тони.

Спротивно на тоа, Русија ги намали своите резерви на злато за 3,1 тони во јануари, објави новинската агенција Интерфакс.

Јордан ги намали залихите за три тони, а Киргистан за 1,9 тони, се додава во извештајот.

Минатата година глобалните централни банки купиле 1.180 тони злато, што е највисока бројка во последните четири години, објави претходно Светскиот совет за злато.