Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

21

Паричната маса, во август 2021 година, се зголеми за 1,6% во споредба со претходниот месец. Нагорната промена главно е резултат на повисоките депозитни пари, при остварен помал раст и кај краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, додека готовите пари во оптек бележат пад. На годишна основа, паричната маса бележи раст за 11,5%, во најголем дел под влијание на растот на депозитните пари и краткорочните депозити, во услови на помал раст и кај останатите компоненти.

Вкупните депозити, во август, остварија раст од 1,8% и 9,9% на месечно и годишно ниво, соодветно. Растот на депозитите е резултат на повисоките депозити кај двата сектора, со поизразено учество во месечниот и годишниот раст на
депозити
те на корпоративниот сектор.
Во август, вкупните кредити се намалени за 0,3% на месечна основа, во целост
како резултат на падот кај кредитите на корпоративниот сектор. Анализирано на
годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 6,4%, под влијание на растот на
кредитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Во август, вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележат раст за 4,0%
на месечна основа, како резултат на растот на сите компоненти, кој е најизразен
кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута. На годишна
основа, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат зголемување за
20,2%, коешто во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари и
краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при пад на
краткорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор, овој месец, се намалени за 0,8% на
месечна основа, пред сѐ поради падот на кредитите одобрени во странска валута,
при помало влијание и на падот на кредитите во денари. Споредено на годишна
основа, кај овие кредити е забележан раст од 4,5%, којшто во поголем дел се
должи на кредитите одобрени во денари.

Кај вкупните депозити на домаќинствата, во август, е забележан месечен раст
од 0,9%, којшто во целост се должи на зголемените депозитни пари и
краткорочните депозити во странска валута, при остварен пад кај останатите
компоненти. Во споредба со истиот месец претходната година, овие депозити се
повисоки за 7,4%, под влијание на растот кај депозитните пари и краткорочните
депозити во странска валута и во денари, додека долгорочните депозити во денари
и во странска валута бележат пад.

Во август, кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,2%, како резултат на
растот на кредитите во денари и странска валута, којшто е малку поизразен кај
кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 7,9% и се должи на
зголемените кредити одобрени во двете валути, со поголем придонес на кредитите
во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во
август, потрошувачките кредити, како една од најзастапените категории, се
непроменети на месечна основа, додека на годишна основа се повисоки за 6,9%.
Станбените кредити се зголемени за 0,6% и 16,2% на месечна и годишна
основа, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е забележан
месечен и годишен пад за 1,1% и 17,5%, соодветно, додека кредитите одобрени на
кредитни картички се намалени за 0,4% и 9,9%, на месечна и годишна основа,
соодветно. Негативните салда на тековните сметки, во август, се пониски за
0,2% на месечно ниво, при годишен раст од 1,8%, додека кредитите одобрени врз
други основи бележат месечен и годишен пад од 1,1% и 27,1%, соодветно.