Годишната инфлација во ЕУ и еврозоната се намали и во декември

69

Инфлацијата во еврозоната во декември изнесуваше 9,2 отсто на годишна основа, продолжувајќи да паѓа откако во ноември достигна 10,1 отсто, објави во средата Евростат.

Во целата Европска унија (ЕУ) инфлацијата во декември изнесувала 10,4 отсто наспроти 11,1 отсто во ноември, додека во октомври била на ниво од 11,5 отсто.

Инфлацијата во еврозоната во октомври изнесуваше 10,6 отсто, со што продолжи забавувањето на растот на цените.

Во споредба со ноември, годишната инфлација падна во 22 земји-членки на ЕУ, во две остана на исто ниво, а во три се зголеми.

Најголем придонес во стапката на инфлација во декември во еврозоната имаа храната, алкохолните пијалоци и тутунот од 2,88 процентни поени, потоа енергијата (2,79 процентни поени), услугите (1,83 процентни поени) и индустриските производи (1,7 процентни поени).

Најниски годишни стапки на инфлација во декември се забележани во Шпанија (5,5 отсто), Луксембург (6,2 отсто) и Франција (6,7 отсто), додека цените најмногу галопираа во Унгарија со дури 25 отсто, Латвија (20,7 отсто) и Литванија ( 20 проценти).