Голема промена на пазарот: Ова е најпопуларниот електричен автомобил во Европа во април

За кратко време, ситуацијата на пазарот на електрични автомобили во Европа доста се промени. Откако со години традиционалните производители на автомобили не можеа да се натпреваруваат со компанијата на Маск и автомобили како Model Y, кој беше најпродаваниот електричен автомобил во Европа минатата година, ситуацијата сега се промени.

По почетниот неуспех, компании како „Фолксваген“ успеаја да ги прилагодат своите планови и работење на барањата на електричниот пазар, додека во исто време „Тесла“ се најде во големи проблеми.

Иако Кинезите се сè попопуларни и на европскиот пазар, кога станува збор за електрични возила, податоците за април покажуваат дека европските компании доминираат.

Според податоците од Dataforce, VW Group го зазеде убедливо првото место во однос на продажбата на електрични автомобили. Интересно е што најпродаван не е некој Фолксваген, туку Elroq на Шкода (исто така дел од групацијата Фолксваген), чија продажба надмина 8 илјади единици во текот на четвртиот месец. По него, следуваат три модели на „Фолксваген“ – моделот „VW ID.3“ (кој компанијата го истакна за време на презентацијата како трет најважен автомобил во историјата на компанијата, по „Бубата“ и „Голф“) продаде речиси 7.000 единици, „ID.7“ продаде 6.783 единици, додека „ID.4“ продаде 6.300 единици.

Само петтото место ѝ припаѓа на компанија која не е дел од VW Group – Renault E-5 беше продаден во 5.700 единици, додека на шестото место е Kia, чиј EV3 беше продаден во нешто повеќе од 5.600 единици.