Големи разлики во вработеноста во ЕУ: Северна и Западна Европа водат, Југот заостанува

Стапката на вработеност во Европската Унија во 2024 година беше на историски највисоко ниво од 75,8 проценти, што е сепак 2,2 процентни поени под целта од 78 проценти, поставена со Акцискиот план на Европскиот столб на социјални права за 2030 година, објави  Евростат.

Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика истакнува дека 46,5 проценти од сите региони на Европската Унија (113 од 243 региони) ја достигнале или надминале споменатата цел на Европската Унија.

Тука спаѓаат сите региони во Чешка и Шведска (по осум), Холандија (12), Данска (пет), Ирска (три), Германија (35 од 38 региони) и Словачка (три од четири региони), како и Естонија, Кипар и Малта.

Регионите со највисоки стапки на вработеност минатата година, и единствените што забележаа стапки над 85 проценти, беа архипелагот Аланд во Финска (86,4 проценти), по што следуваат областите Варшава (86,2), Братислава (85,4) и Будимпешта (85,3), како и Утрехт во Холандија (85,3) и областа Прага (85,1).

Многу региони со релативно ниски стапки на вработеност во ЕУ беа рурални, ретко населени или на периферијата.

Овој модел особено се однесуваше на јужните региони на Шпанија и Италија, поголемиот дел од Грција, одредени области во Романија и најоддалечените места во Франција.

Друга група региони што се карактеризираат со релативно ниски стапки на вработеност се претежно поранешни индустриски центри кои не се адаптирале економски.

Приближно 25 проценти од регионите на ЕУ (65 од 243 со достапни податоци) минатата година имале стапка на вработеност под 73,5 проценти.

Оваа група вклучувала три региони во јужна Италија – Калабрија (48,5 проценти), Кампанија (49,4) и островот Сицилија (50,7), потоа дел од Брисел во Белгија (64,1), Лацио во Италија (69), Виена во Австрија (70,6) и Атика во Грција (71).