Google инвестира една милијарда евра во Германија

80

Технолошкиот гигант Google во вторникот објави дека планира да инвестира една милијарда евра во изградба на два нови центри за податоци во Германија за да ја зајакне својата позиција на пазарот и да избегне регулаторни и правни проблеми.

Центарот за податоци Ханау ќе биде само 20 километри оддалечен од најголемиот интернет центар во светот, DE-CIX, изјави Филип Јустус, раководител на Google за Централна Европа.

Паралелно, Google ќе воспостави нов „облак регион“ во Берлин-Бранденбург, иако не прецизираше каде ќе се наоѓа новиот центар за податоци.

Главната цел на Google е да ги приближи услугите на компанијата до клиентите, а брзината на пренос на податоци ќе биде значително подобрена во споредба со онаа преку Атлантикот.

Употребата на центри за податоци во Соединетите држави, исто така, може да предизвика правни и регулаторни проблеми кога станува збор за услугите за европските корисници.

Како дел од таа инвестиција, американскиот интернет гигант исто така планира да ја зголеми количината на електрична енергија добиена од обновливи извори за потребите за снабдување на новите центри за податоци, кои трошат многу електрична енергија.

Нејзиниот локален енергетски партнер Engie Deutschland во следните години ќе ја снабдува германската електрична мрежа со повеќе од 140 мегавати електрична енергија од сончева и ветерна енергија, соопшти Google.

Планот ќе бара изградба на нова фотоволтаична централа од 39 мегавати и 22 ветерни фарми, така што „од 2022 година, во секој момент, околу 80 проценти од енергијата што се доставува до инфраструктурата на Google доаѓа од извори без емисии на јаглерод диоксид“.