Google денеска најави дека ќе започне да вози низ Македонија, со цел да го подобри квалитетот на Google Maps и да собере слики за популарната опција Street View. Од 29 септември, Google автомобили ќе започнат да возат и да собираат 360° фотографии во Скопје и Битола, како и во другите поголеми македонски градови. Возењето понатаму ќе продолжи со покривање на помалите градови и села, во текот на наредната година.
Street View е многу популарна опција на Google Maps која беше лансирана во мај 2007 година и е веќе достапна низ 59 земји. Таа им овозможува на корисниците виртуелно да истражат и да се движат низ одредено маало, преку панорамските слики направени на реално ниво од улицата.
“Планираме да започнеме со возење во Скопје и наскоро ќе го прошириме и низ другите градови и села, започнувајќи со најголемите градови и најинтересните места во Македонија. Вкупно планираме да покриеме колку што е можно повеќе од патната мрежа во текот на наредните неколку месеци. Реалните планови на возење често зависат од фактори кои се надвор од нашата контрола (временски услови, затворени патишта и сл.). Поради тоа, ќе овозможиме постојани ажурирања околу тоа каде оперираат нашите возила – како и повеќе општи информации за Street View – на нашата веб страница http://www.google.mk/maps/about/behind-the-scenes/streetview веднаш штом започне возењето. Собраните фотографии ќе бидат обработени и внимателно споени, што е технолошки процес кој може да одземе неколку месеци. Тие ќе бидат достапни подоцна на Street View на Google Maps.
Слушаме од многу наши корисници во Македонија дека би биле навистина возбудени да имаат Street View достапно и во Македонија. Затоа денес сме особено среќни да го најавиме почетокот на возењето и да ги направиме убавите улици и градови на прекрасната Македонија отворени за корисниците низ целиот свет. Македонските бизниси и корисници исто така ќе уживаат во многуте бенефити на услугата”, изјави Амита Катри, програмски менаџер за Street View во Google.
Министерството за информатичко општество и администрација имаше активна соработка со претставници на Google, со кои оствари повеќе средби со цел воведување на овој сервис во Македонија.
“Ми претставува особено задоволство дека благодарение на Google Street View светот може да ја види Македонија во нова димензија, преку компјутери или смартфони. Ова е од особено значење за туризмот и ќе придонесе кон подобро позиционирање на Македонија на светската мапа на атрактивни дестинации, каде убавината на земјата може да се види преку кој било уред приклучен на интернет”, изјави министерот за информатичко општество и администрација, м-р Иво Ивановски.
Google напорно работи на одржување на приватноста. На сликите наменети за Street View, пред да бидат објавени, ќе има замаглување на лицата и регистарските таблички на сите слики. Кога сликите ќе бидат достапни, луѓето ќе имаат можност да пријават слики за дополнително замаглување со кликање на “report a problem” опцијата на долниот лев агол на сликата, по што пополнуваат краток формулар каде наведуваат прецизно која слика треба да се замагли.
„Дозволете ми да кажам дека на Google Street View услугата гледаме како на интересна можност за секој граѓанин во нашата земја да „шета” наоколу. Сепак, ние како надлежни власти за заштита на личните податоци сме обврзани постојано да даваме насоки кои треба да се следат со цел да се осигура приватноста на луѓето. Веруваме дека заедничката блиска соработка и кореспонденција што ја имаме со Google во изминатиот период ќе резултира со помал упад на приватните работи на нашите граѓани. Ја користам оваа прилика како директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци да ја забрзам афирмативната имплементација на приватноста и регулациите за заштита на личните податоци и им посакувам на Google најдобар позитивен исход”, изјави директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Димитар Ѓеоргиевски.
Бизнисите може да имаат бенефит од Street View технологијата преку бесплатно вметнување на Google Maps директно на нивните веб страници, што би им помогнало, на пример, да промовираат ланец на хотели, или пак да ја зголемат свесноста за локална библиотека или ресторан.