Проектот Calico (California life company) на компанијата Google регрутира врвни научници од областа на генетското истражување и anti-ageing. Последното име кое се вклучи во овој проект е Синтија Кенјон, врвен бихемичар и биофизичар од Универзитетот Калифорнија, Сан Франциско.
Таа во текот на 90-тите години од минатиот век во лабораториите на Универзитетот направи истражување со црви и покажа дека модификациите на генот наречен daf-2 резултираше со двојно зголемување на животниот век на црвите, од две до четири недели, додека генот daf-16 го продолжи нивниот младешки изглед и покрај нивниот продолжен животен век.
Неколку истражувања од страна на други научници покажуваат дека со контролата на сличните гени може да се модифицираат и инсектите, глувците, па дури и луѓето. Менувањето и модифицирањето на гените го забавува стареењето, ја зголемува отпорноста кон болестите поврзани со стареењето како што се рак, срцев удар и други заболувања.
Во Calico, Кенјон им се приклучи на групата експерти Артур Левинсон, главен и извршен директор на Calico, Хал Барон, поранешен главен медицински офицер во Roshe, Роберт Коен, онколог во Genentech, и Давид Ботстеин, поранешен директор на Lewis Sigler Institute за интегративна генетика на Универзитетот Принстон.
Тоа е тимот од експерти кои треба да работат на моќната визија на Google за бесмртност. Дали ќе успеат да остварат нешто што никој досега не успеал да го направи сѐ уште е енигма.
Инаку, Google минатата година ја објави својата anti-ageing иницијатива Calico, која осамна на насловната на Time со наслов “Може ли Google да го реши проблемот со смртта?“
Проектот за бесмртност е еден од најголемите и најамбициозни планови на Google во линија со другите големи идеи како што се самовозечките автомобили, летечките турбини, планетарен Wi Fi преку летечки балони како и други “помали“ иницијативи како што е превод на Интернет на 64 јазици, дигитални делови за вметнување во мозокот и други.
Лери Пејџ, коосновач на Google, вели дека Calico е иницијатива насочена кон тоа да го продолжи животниот век до 100 и повеќе години, за да може со текот на времето да се дојде до решението и да се запре процесот на стареење, а со тоа луѓето да станат бесмртни.
За технолошкиот гигант, запирањето на стареењето е игра на клучни податоци и имплементација на паметни алгоритми. Со трансформирање на генетскиот код во бинарни дигитални нули и единици, проблемот со бесмртноста станува компјутерски проблем – аналогно победување на една шаховска игра со смртта.