Холандската влада издала 91 дозвола со која компании се изземаат од примената на санкциите на Европската Унија против Русија.
Ова го јави холандскиот медиум РТЛ њуз, повикувајќи се на извори во државните институции, а пренесува Раша тудеј.
Според медиумот, изворите не ги откриле имињата на компаниите кои се изземени од санкциите, вредноста на трансакциите, како ни бизнис секторите за кои станува збор.
Информацијата била „чувствителна од аспект на компаниите“, кажало за РТЛ холандското министерство за надворешни работи. На министерствата им било дозволено да одобруваат изземања од санкциите за да „овозможат одреден степен на флексибилност во одредени случаи“, кажал неименуван портпарол.
Во извештајот се наведува дека и покрај забраната на ЕУ бродовите под руско знаме да испловат од европските пристаништа, холандското министерство за инфраструктура и водостопанство издало изземања за 34 брода да можат да испловат кон националните пристаништа. Тие тоа го оправдале кажувајќи дека бродовите превезувале важен товар како алуминиум и храна.
Министерството за економија и клима издало 25 дозволи на холандски компании за да можат да работат со поранешни подружници на Газпром. Дозволите исто така биле издадени на „хуманитарна основа“ за соработката меѓу Русија и ЕУ во „граѓански работи“, како и за плаќања од Русија во „дипломатски цели“.
Министерството за финансии одобрило 13 дополнителни изземања поврзани со замрзнат имот или стока која потпаѓа под санкциите.