Холандија воведува ограничувања за извозот на технологија за чипови, протестира Кина

70

Холандската влада соопшти дека планира нови ограничувања за извозот на полупроводничка технологија за да ја заштити националната безбедност, придружувајќи се на напорите на САД да го запре извозот на чипови во Кина, која денеска протестираше против одлуката.

Холандската министерка за трговија Лисје Шрајнемахер објави писмо до Парламентот дека ограничувањата ќе бидат воведени пред летото.

Во нејзиното писмо конкретно не се споменува Кина, трговскиот партнер на Холандија, ниту го именува АСМЛ Холдинг, еден од водечките светски производители на опрема за производство на чипови.

„Бидејќи Холандија смета дека поради национална безбедност е неопходно оваа технологија да се стави под контрола што е можно поскоро, владата ќе воведе национална листа за проверка“, се наведува во писмото на холандската министерка.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека се противи на холандскиот план за ограничување на извозот на полупроводничка технологија.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг изјави дека Кина вложила дипломатски протест до Холандија.