
Најновите статистички податоци од Евростат, кој го мери индексот на цени според паритетот на куповната моќ за Европската Унија и земјите кандидати, потврдуваат дека трошоците за храна во Албанија се повисоки од оние во државите на ЕУ.
Според извештаите на албанските медиуми, “За првпат од 2005 година, кога Европската агенција за статистика почна да ги мери податоците, индексот на цените на храната и безалкохолните пијалоци во Албанија лесно го надмина нивото од 100% (100,1%), што значи дека цените на храната во Албанија се за 1% поскапи од просекот на Европската Унија, додека приходите според методот на куповната моќ се 41% од просекот на ЕУ”.
Од 2005 до 2018 година, трошоците за храна во Албанија беа во просек помеѓу 68% и 78% од просекот на ЕУ. Од 2018 година започнаа да растат, додека во 2023 година, цените во Албанија беа во просек само 7% пониски од просекот на ЕУ. Во текот на 2024 година, цените се изедначија за првпат, па дури и надминаа за 1%.
Најскапите прехранбени артикли за албанските домаќинства во споредба со ЕУ се јајцата, сирењето и млекото, кои се поскапени за 131% од просекот на ЕУ, споредено со 119,5% претходната година. Другите прехранбени производи исто така се околу 25% поскапи отколку во ЕУ (124,8%), додека безалкохолните пијалоци се 19% поскапи отколку во Европа.
Од друга страна, албанските граѓани купуваат цигари поевтино, кои чинат 47% од европскиот просек.
Во споредба со останатите европски земји, цените на храната во Албанија се речиси идентични со оние во Германија, Португалија и Италија, додека чинат повеќе отколку во Шпанија, Чешка, Полска и Бугарија и се највисоки во регионот.
Причините за овие разлики се поврзани со високиот степен на даноци на производите за широка потрошувачка во Албанија, особено ДДВ, високите трошоци за транспорт, несоодветната логистика и недостатокот на конкуренција.
Фото: Pixabay