Христови инженеринг – компанија со јасна идеја и цел

373

hristovi

Зад успешната приказна на Христови инженеринг (Hristovi Engineering) постојат многу страници на реализирани проекти од инфраструктурата, тунели, железници, хидроцентрали, брани, аеродроми – Александар Велики и Апостол Павле во Охрид, жичницата Средно водно – Милениумскиот крст, регионалниот пилотски центар, касарни, амбасади, резиденции за амбасадори, Soravia Group, MARQUARDT, Kromberg & Schubert, Elbit Systems, Montupet, Johnson Matthey, Elbit Systems и многу други.

Христови инженеринг е компанија што работи во доменот на Building Project Management, што претставува склоп на активности кој опфаќа правно-економска поддршка за реализација на проект, проектирање, тендерирање, евалуации, избор на изведувачи за реализација, надзор на градбата до примо-предавање. А сето тоа подразбира една комлетна логистика во реализација на една инвестиција.

Анита Христова, косопственик и менаџер во Христови инженеринг, вели дека за успех на компанијата пред се е потребна јасна идеја и цел, јасно согледување на можностите и приликите во кои се наоѓаме и реален бизнис план.

Приказната започнува многу одамна, уште во 1989 година, со појава на првите услови за отворање на приватен бизнис, кога биле млади, амбициозни и тазе дипломирани.

“Поттикот беше на фамилијарна база, бидејќи таткото на мојот сопруг е цел живот приватник, и во социјализмот преку градежни задруги работел во доменот на градежништво, а мојот татко поголем дел од кариерата ја помина во две големи компании како правен застапник. Можеби имаме фамилијарна традиција на ориентираност кон бизнис. Можам да кажам дека семејството за нас беше огрома база и поддршка. Почнавме навистина млади, јас дури немав дипломирано кога почнавме со бизнисот. Се префрлив вонредно бидејќи имавме голема желба да створиме своја платформа. Не ни недостигаа идеи за да ја креираме. Ја искористивме можноста и поддршката од семејството и храбро зачекоривме. Многу малку познавање имавме од бизнисот кога почнавме, меѓутоа бевме навистина упорни и цврсто решени дека ќе го совладуваме“, вели Анита Христова.

Според Христова, бизнис план не е категорија што треба некој да ја плати. Бизнис план е една јасна проекција, која може секој од нас да ја направи на еден обичен лист хартија. Да ги стави позитивата и негативата, да ги согледа, меѓутоа целта мора да биде приоритет. Ако имаме јасна цел, во тој случај почнуваме и правилно да ги планираме ресурсите и начинот како ќе ја оствариме.

1179816_orig

„Како семејна компанија и компанија која навистина се развивала, успеала токму заради претприемачкиот дух кој секогаш сме го негувале. Меѓутоа исто така и сме го надградувале со техники, со едукации и доедукации, и затоа сметаме дека претприемачкиот дух е еден позитивен двигател во секоја компанија. Посебно за семејните бизниси и бизнисите кои опстоиле и се развивале. На некој начин сметаме дека тоа е период во развојот, меѓутоа и еден план стратегија како да се одржи развојот, како да се остане прогресивен, како да се остане секогаш со свежа енергија. Интра-претприемачкиот дух токму тоа го овозможува, да оставиме простор да се негува припадноста кон компанијата и личниот удел во развојот, што сметаме дека е навистина важен. Од таа причина интра-претприемаштвото сме го нашле како модел кој создава услови за таков развој и создава услови еден семеен бизнис да прерасне во повеќегенерациски семеен бизнис. Семејство ги сметам и вработените. Во рамките на компанијата може да се негува претприемачки дух, да се уживаат сите предизвици кои еден претприемач ги има. Тоа е таа атмосфера на интер-претприемништво. А и генерациски веќе имаме потреба, еве и нашите деца ги воспитуваме во тој дух и со голема надеж, но без никаква обврска, дека ќе ја препознаат оваа платформа како нешто во кое активно ќе продолжат да учествуваат. Не само наследно, како право, туку и активно”.

Претприемачот како основач на бизнисот е нешто што е категорија сама по себе. Самото пренесување на таа идеја и енергија, на таа платформа бара зрелост, упорна и трајна работа. Ако тоа го воведете и немате подготвен тим, тоа може да направи раздор во компанијата и тоа е една од најголемите негативни страни.

„Една компанија која сака здраво да опстојува и да создава здрав кадар и човечки капитал, не треба да си дозволи да се однесува кон некој како мајка, а кон друг како маќеа. Тој ризик го носи интра-претприемништвото. Дали секој ќе се најде со доволен потенцијал, правилно и зрело ја препознае таа можност и да ја искористи, затоа што нашите вработени во тимот не се сите со исти амбиции, а тоа не значи дека различно амбициозните луѓе се со помал квалитет во работењето. Имате одлични извршители, одлични лидери, технички двигатели и сето тоа е позитивно да го има во една компанија“, вели Христова.

Според Христова, интра-претприемништвото е за лидерите во компанијата. Затоа треба да се има зрел кадар, за да не се сфати како раздор и како различни можности. За неа, како долгогодишен менаџер, еден од приоритетите бил во компанијата да создаде еднакви можности. Можностите мора да бидат еднакви, а друг дел е кој и колку ќе ги искористи и има капацитет да ги согледа.

„Делегирањето на работата го вршам врз принцип на компетентност на кадарот. Со тоа едноставно постигнувам квалитет, затоа што делегирањето е процес кој треба да биде јасен. Оној на кој му е делегирана обврската, треба да ја почувствува како предизвик, како можност и реалност“, вели Христова и додава дека делегирањето е тотално погрешно ако го насочиме кон некомпетентни лица во компанијата, бидејќи може да создаде несигурност, да не ги даде очекуваните резултати, може да создаде конфузија. Затоа таа практикува делегирање спрема компетентноста. Секогаш делегира обврски на кадарот кој е спремен да ги изврши и да ги почувствуа резултатите на себе и вкупно на целата компанијата”.

hristovi 1

Кога е во прашање конкуренцијата, според Анита, Христови инженеринг имаат нереална конкуренција. Нереална е во смисол на дефинирање на дејноста.

„За инженеринг, проектирање и надзор има многу компании, меѓутоа јас секогаш внимателно ја следам конкуренцијата и воопшто тоа не го сметам за пречка. Напротив, конкуренцијата секогаш ни дава поттик да работиме на сопствениот квалитет и начинот на работа. Во ова модерно живеење мислам дека не можеме да зборуваме за отсуство на конкуренција. Конкуренцијата е нешто што е сосема нормално“, вели Христова.

Со конкуренцијата на странскиот пазар се борат со know how. Имаат веќе развиено know how кое е препознатливо и јасно го покажува квалитетот на работењето.

„Се бориме рамноправно како и сите други со анализирање, со развивање на преговарачки вештини, правилни презентации, со внимателна анализа на потребите на тој што потенцијално би не ангажирал. Исто така, со внимателно анализирање на силните и слабите страни, како на потребите на дадена работа или проект којшто треба да се реализира, така и на нашите, и со минимизирање на евентуалните негативни страни. Никогаш не може да се исклучат негативните страни, бидејќи никој не се вклопува идеално во било кое барање, меѓутоа максимално се трудиме да ги минимизираме“, вели Христова.

Ставот на Анита Христова е дека на младите луѓе им останува навистина големата обврска никогаш да не им замрат идеите. Никогаш! Идеите се двигателот и кон нов бизнис. Идеите, дали ќе ги преточат во рамките на веќе оформена компанија или ќе основаат сопствен бизнис, таа секогаш ги охрабрува.

„Јас иднината ја гледам во младите генерации. Од секогаш сум ја гледала, и секогаш имало некој што е помлад од мене и вниманието ми било насочено кон тие луѓе во компанијата. Вработуваме млад кадар, го негуваме тој кадар и им ги даваме сите можности. Навистина се трудиме да дадеме корен и крила. Тоа е обврската на повозрасните, токму тоа да го направат. Секогаш ќе ги поддржувам младите и било кој облик на сопствен ангажман и придонес за себе и општеството што можат да го дадат“, вели Христова.

Македонија е земја која е на некој среден почеток, време кога се уште има што да се понуди. Развиениот бизнис свет е веќе презаситен од конкуренција, таму се работи со страшни финеси.

„Македонија и регионот се уште се перспективна платформа за нови идеи, дури и за применување на веќе познати идеи во светот, а што недостигаат овде. Така, младите луѓе имаат многу можности, во смисол на развивање на свои идеи, добивање на сознанија на пократкиот начин. Нашите генерации сознанијата ги добиваа на меѓународни саеми и од литература до која тешко се доаѓаше. Тогаш беше предизвик да се дојде и до добра стручна литература, која чинеше многу. На овој т.н. медиумски поставен свет на комуникации е олеснително, можностите ги има и треба да се искористат“, вели Христова.

За Анита секој ден е развој, личен и за компанијата. Веќе дејствуваат регионално, а годинава и интернационално.

„Мислам дека горна граница на раст скоро и да не постои, сите знаеме што ни е минимумот и што не можеме. Меѓутоа, за мене секој ден е развој, а и за компанијата гледам развој. Веќе дејствуваме регионално, годинава и интернационално. Перспективата е во интернационалните проекти и се трудиме да се прилагодиме кон глобалниот свет. Светот веќе не се локализира, туку се глобализира. Наша задача е да ги дочекаме промените подготвени, затоа што помал е успехот ако се подготвуваш кога промените веќе ќе дојдат. Тогаш губиш време и побавно одат работите. Се подготвуваме со будно и посветено работење.”

Според Христова, ако сака човек да води успешен бизнис, не смее да си го дозволи луксузот да трепне, а камо ли да заспие. Така и тие будно ги следат промените.

„Анализираме, евалуираме, од секој проект влечеме заклучок, ги согледуваме позитивните и негативните страни. Тоа што го споменав е еден генерален концепт да планираме, евалуирме и резимираме што од планираното сме оствариле. Сето она што се случува во светот не се случува преку ноќ. Трендовите и движењата, промените, ако човек внимателно ги гледа и посветено работи, многу полесно ќе ги дочека“, вели Христова.

Таа не прави разлика меѓу домашна и странска инвестиција и сите проекти ги гледа како успешни.

„Проект е проект, меѓутоа нашиот капацитет сиве овие години беше насочен кон реализација на странски инвестиции во Македонија и во регионов. Секој проект за нас бил успешен затоа што одговорил на барањата што ги имал, бил навремено завршен и донел вредности за инвеститорите. Секој проект бил еднакво завршен, секој со своите барања и карактеристики“, вели Христова.

Христови инженеринг имаат реализирано инвестиции во Германија, Хрватска, Косово, Албанија, а имаат и тековни проекти во Кина и Украина.