Фото: Pixabay
Во загрепската населба Сигер е отворен првиот “паметен“ зелен пазар, под името GoGreen, каде што мали земјоделски производители ќе ги продаваат своите производи по строго контролирани услови, пишува Пословни дневник.
Во мрежата на GoGreen се вклучени околу 700 мали производители со тенденција тој број да расте, бидејќи се зголемува интересот на земјоделски производи кои сакаат да ги пласираат производите на овој пазар.
GoGreen соработува со интернет платформата eKupi, со што се овозможува пристап до поголем број на купувачи.
“Со големиот број на предности што eKupi им ги нуди на своите купувачи денес може да им понудиме од удобноста на својот дом да си порачаат домашни производи од нашите производители на храна и пијалаци, првенствено мислејќи на малите семејни производители. Доставата е нешто што подразбира купувачите да забораваат на носење тешки торби кога се враќаат од пазар“, вели Илија Матиќ, раководител на платформата eKupi.
Купувачите во секој момент можат, доколку се посомневаат во квалитетот на производите, да ги однесат во лабораторијата на Заводот за хемиски анализи каде што ќе се направи проверка на нивната исправност.
Во следниот период е планирано отворање на вакви “паметни“ пазари во повеќе хрватски градови.