Хрватска губи 100 милиони евра годишно поради црниот пазар на сечен тутун

24

tutun

Црниот пазар на сечен тутун во последните години во Хрватска зема се поголем замав. Кризата и падот на стандардот ги тера пушачите наместо брендирани цигари да купуваат тутун што го набавуваат од препродавачи, по пазарите, пишува Пословни дневник.

Хрватското здружение на работодавачи (ХУП) одлучи да организира истражување за да ја процени големината на овој пазар и загубата на буџетски приходи поради неплаќање на данок. Потрошувачката на домашен, небрендиран сечен тутун на кој не се плаќа данок достигнува околу 1.000 тони, со што од буџетот се одлеваат околу 100 милиони евра приходи годишно, вели Давор Толиќ од Ипсос Маркетинг.

“Луѓето се повеќе преминуваат од фабрички цигари на сечен тутун, така што веќе скоро секој четврти пушач користи сечен тутун”, потенцира Толиќ.

Оваа агенција за ХУП спроведе истражување на 1.500 домаќинства со возрасни членови, а испитани се преку 3.800 возрасни пушачи. Истражувањето покажа дека околу 60%, односно тројца од пет корисници на сечен тутун, пушат сечен тутун за кој не е платен данок. Станува збор за небрендиран тутун кој во најголем дел потекнува од Хрватска, 66% и од БиХ, 25%, а се продава главно по пазарите.

Пазарот на сечен тутун во Хрватска во моментов покрива околу 7,8% од вкупниот пазар на производи од тутун. Во Хрватска пуши скоро секој трет жител (31,7%) постар од 19 години.