Хрватска и Германија го прилагодуваат работното време поради СП во фудбал?

24

sp brazilХрватското здружение на работодавачи, како и германскиот синдикат, ги повикуваат сопствениците на компаниите работното време да го прилагодат со натпреварите од Светското фудбалско првенство во Бразил, бидејќи поголемиот дел од нив ќе се одигруваат во доцните вечерни часови.

Мајк Василиадис, претседател на германскиот синдикат, кој ги обединува вработените во рударскиот, енергетскиот и хемискиот сектор, за германскиот весник Билд, рекол дека работодавците и управните одбори на компаниите треба заедно да поразговараат со цел да го прилагодат работното време за да можат вработените да ги следат натпреварите.

Откако се појавила оваа информација во германските медиуми, веднаш се огласило и хрватското здружение на работодавачи.

“Со оглед на тоа што натпреварите на Светското фудбалско првенство во Бразил ќе се одигруваат доцна навечер по хрватско време, нашите фирми би требало индивидуално да донесат одлука за прилагодување на работното време во рамки на Законот за работни односи, согласно работните проценки и можности“, порачуваат од Здружението.

Искуствата од претходните Светски првенства покажуваат дека во Хрватска голем број вработени во тој период заминуваат на годишен одмор или на боледување, што се одразува на намалување на квалитетот на работата, како и на продуктивноста.

Во текот на Светското првенство во Бразил што ќе се одржи од 12 јуни до 13 јули, 28 од вкупно 64 натпревари ќе започнат во 22 часот по средноевропско време.