Хрватската влада во Брисел купи зграда од 4.078 метри квадратни и 68 паркинг места за потребите на своите претставништва при институциите на Европската унија. Цената изнесува 11,5 милиони евра, а зградата се наоѓа на еден километар од зградата на Европската комисија, пишува Слободна Далмација.
“На влегувањето во ЕУ треба да се гледа како на инвестиција, односно можност да развиеме некои нови деловни перспективи и затоа ова е добар потег. Во Брисел одиме да работиме, а не да уживаме во статусот на дипломатски претставници, поради што ни треба зграда која ги исполнува сите услови за работа, каде ќе можеме да примаме соработници и гости од други земји и институции на ЕУ. Изнајмувањето на таква зграда, во најдобар случај би чинело нешто помалку од еден милион евра годишно, но наем за постојани членки не е исплатлив, така што ова е добра долгорочна инвестиција”, вели анонимен извор за весникот.
Средствата за купување се одобрени уште во јануари. Хрватските дипломати, околу 70, до сега работеа во канцеларии со вкупна големина од 1.260 метри квадратни, додека претставништвата на останатите членки на ЕУ располагаат со згради чија површина преминува 5.000 метри квадратни.