Хрватската влада ќе распродава државни станови и канцеларии

19

Хрватската влада следната година ќе се обиде да продаде околу 3.000 станови, 1.500 деловни простории и бројни парцели, а со нивната продажба би заработила дури 200 милиони евра, пишува Јутарњи лист.

Цените на становите би требало да се пониски од пазарните, што би ја олеснило нивната продажба. Постои и спореден ефект – ако во продажба се пуштат голем број станови по пониска цена, тоа ќе предизвика пад на цените на недвижностите на целиот пазар.

“Секое намалување на цените може само позитивно да влијае врз пазарот на недвижнини. Станува збор за чекор до оживување на градежниот пазар, а таквата конкуренција би довела и до намалување на цените на недвижнините на целиот пазар”, смета економскиот аналитичар Јосип Тица.

Главна улога во оваа операција ќе има Агенцијата со управување на државен имот (АУДИО), а целта ќе биде единствена, мртвиот капитал да се претвори во значајни средства за државниот буџет.