Хрватски ТДР отвори фабрика во Иран

25

tdrТДР (Творница духана Ровињ), водечкиот хрватски произведувач на цигари кој работи во рамките на Адрис група, отвори фабрика во Иран и го прошири работењето на пазарот на југозападна Азија. Во новата фабрика се вложени 30 милиони евра, а има капацитет од шест милијарди цигари годишно, пишуваат хрватските медиуми.

Фабриката во Сари, главниот град на покраината Мазандаран, ТДР ја изгради во соработка со водечкиот ирански произведувач на цигари, Iranian Tobacco Company. Соработката меѓу овие две компании започна во 2008 година и од тогаш на овој пазар, на кој годишно се продаваат преку 70 милијарди парчиња цигари, се извезува најпознатата хрватска марка Ронхил.

“Со оваа инвестиција ТДР силно ќе се позиционира како еден од водечките хрватски извозници и ќе го прошири своето работење на пазарите на југозападна Азија. Со повеќе од 60% продажба остварена од извоз, ТДР своите производи ги пласира на вкупно 15 пазари. Освен во регионот, ТДР извезува уште и во Германија, Шпанија, Чешка, Италија, Австрија, Обединети Арапски Емирати, Бугарија и Русија”, велат од компанијата.

ТДР ја заврши 2012 година со 229 милиони евра вкупни приходи и 11,56 милијарди продадени цигари, со што ја задржа лидерската позиција во Хрватска.