ИЕА: Американските санкции може да го нарушат снабдувањето со руска нафта

Последната рунда американски санкции против руската трговија со нафта, објавена минатиот петок, може значително да го наруши рускиот синџир за снабдување со нафта, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во својот месечен извештај во средата.

Изгледите за пазарот на нафта на ИЕА продолжуваат да сугерираат дека глобалниот пазар ќе биде со вишок оваа година, бидејќи растот на понудата ги надминува скромните зголемувања на побарувачката. Новите американски санкции против Иран и Русија опфаќаат субјекти кои обработиле повеќе од една третина од извозот на сурова нафта од тие земји во 2024 година, соопшти ИЕА, пренесува Ројтерс.

„Ги одржуваме нашите прогнози за снабдување за двете земји додека целосното влијание на санкциите не стане поочигледно, но новите мерки би можеле да доведат до заострување на билансот на сурова нафта и нафтени продукти“, се вели во извештајот.

Последниот пакет санкции на Вашингтон вклучува повеќе од 160 танкери кои, според ИЕА, транспортирале околу 22 отсто од рускиот извоз на нафта по морски пат во 2024 година. Претходните санкции против бродовите беа „многу ефективни“, намалувајќи ја активноста на санкционираните танкери за 90 проценти.

ИЕА соопшти дека построгите санкции, како и студениот бран на северната хемисфера, ја поттикнале цената на суровата нафта над 80 долари за барел на почетокот на јануари. Сепак, зголемувањето на цената би можело да се ублажи со силниот раст на понудата од земјите што не се членки на ОПЕК+, намерата на коалицијата ОПЕК+ да стави крај на намалувањето на производството и способноста брзо да ги намали залихите доколку е потребно.

ИЕА сега предвидува дека глобалниот раст на понудата на нафта ќе достигне 1,8 милиони барели дневно во 2025 година, а најголем дел ќе го обезбедат земјите кои не се членки на ОПЕК +, со 1,5 милиони барели дневно. Тоа е побрзо од проектираниот раст на побарувачката за нафта од 1,05 милиони барели дневно оваа година, по благото намалување на прогнозата од претходниот месец, кога се предвидуваше 1,1 милиони барели дневно.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека воспоставените рути за извоз на руски енергетски производи не можат да бидат „пресечени“ со санкции. Песков истакна дека Русија ќе бара алтернативни патишта за испорака на нејзините енергетски производи за да ги ублажи последиците од санкциите.