Поради прекумерната бирократија, германското економско производство бележи годишни загуби до 146 милијарди евра, покажува најновото истражување на минхенскиот институт за економски истражувања Ифо.
Од институтот посочуваат дека високите трошоци предизвикани од бирократијата покажуваат колку се итни реформите во оваа област.
„Трошоците за неактивност се огромни во споредба со неискористениот потенцијал за раст што би дошол од намалувањето на бирократијата“, вели Оливер Фалк, директор на Ифо Центарот за индустриска организација и нови технологии.
Пресметките што ги направи Ифо на барање на Стопанската комора за Минхен и Горна Баварија се базирани на „индексот на бирократијата“. Ова претставува неколку нивоа на административно оптоварување во области кои се важни за економијата и бизнисот во многу земји.
Истражувачите на тој начин внимателно ги проучувале земјите кои спровеле обемни реформи во областа на бирократијата и го испитувале нивниот економски развој со текот на времето. Врз основа на тие резултати, тие потоа подготвија симулација на влијанието на реформите во бирократијата, што би ја довело Германија на ниско ниво на бирократија, како што е познато во Шведска, која е лидер во индексот на бирократијата, објаснија тие во соопштението за медиумите во Ифа пред неколку дена.
Дигитализацијата на јавната администрација исто така може да игра важна улога во намалувањето на бирократијата.
„Доколку Германија би се израмнила со Данска во дигитализацијата на јавната администрација, нејзиното економско производство би било повисоко за 96 милијарди евра годишно“, рече Фалк.
Манфред Госл, директор на Стопанската комора за Минхен и Горна Баварија, истакна дека бирократијата е означена како најголем проблем за компаниите во сите нивни истражувања во последните две години.
„Колку е помала компанијата, толку е поголем товарот на бирократијата“, посочи тој.
Бидејќи бирократските обврски создаваат огромни загуби во економијата, Гесл повика на итни реформи и поедноставување на бирократските барања во Берлин и Брисел. Тој повика и на дигитализација на јавната администрација. На компаниите им е потребен централизиран онлајн пристап до сите деловни услуги и уникатни решенија погодни за корисниците низ целата земја, убеден е тој.