Германските компании генерално не планираат да ги зголемат цените на своите производи и услуги, е заклучокот од извештајот што денеска го објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Според извештајот, индексот што ја мери подготвеноста на германските фирми да ги зголемат цените падна од 16,1 поени во август на 13,8 поени во септември.
Шефот на одделот за прогнозирање на Институтот за економски истражувања, Тимо Волмершаузер, врз основа на резултатите заклучува дека стапката на инфлација во Германија ќе остане под два отсто во наредните месеци.
Според неговото мислење, економската криза во Германија ги ограничува можностите на локалните компании да ги зголемат цените, пренесува Танјуг.
Германските граѓани треба да очекуваат повеќе зголемувања на цените во производствениот сектор, додека помалку фирми во малопродажбата, градежната индустрија и меѓу давателите на услуги се подготвени да ги зголемат цените, се вели во извештајот.
Годишната стапка на инфлација во Германија падна во август од 2,3 отсто во јули на 1,9 отсто и моментално е најниска од март 2021 година, објави неодамна германската Федерална статистичка служба (Дестатис).
Прелиминарните податоци за септемвриската инфлација во Германија ќе бидат објавени денеска во 14 часот.