Индија минатата година увезе десет пати повеќе руска нафта – и заштеди милијарди

73

Индискиот увоз на руска нафта се зголемил за десет пати минатата година, покажуваат податоците на индиската државна банка „Bank of Baroda“. Ако се суди според билансот, третата по големина азиска економија заштедила околу пет милијарди долари со купување на руска нафта.
Веста доаѓа во време кога западните земји драстично го намалуваат увозот на енергија од Русија по минатогодишната руска инвазија на Украина.

Русија продава енергетски производи по намалена цена на земји како Кина и Индија, која е трет најголем увозник на нафта во светот. Во 2021 година, руската нафта сочинуваше само два отсто од годишниот увоз на сурова нафта во Индија, но денес тој удел е речиси 20 отсто, според Банката на Барода.

И покрај притисокот од САД и Европа, Индија одби да се приклучи на западните санкции против Русија или рускиот увоз. Њу Делхи, исто така, не ја осуди експлицитно руската инвазија на Украина.

Индија го брани купувањето руска нафта бидејќи, како земја зависна од увоз на енергија и дом на милиони луѓе кои живеат во сиромаштија, не е во позиција да плаќа повисоки цени.

Бидејќи војната не и се гледа крајот, некои аналитичари очекуваат Русија да продолжи да им нуди евтина нафта на најголемите увозници на енергија во Азија. „Очекуваме руската сурова нафта да остане ограничена на овие две земји (Индија и Кина), задржувајќи го попустот“, изјави за Би-Би-Си Вандана Хари од аналитичката компанија „Ванда инсајтс“.