Индустриска мобилизација: Дали Ford и GM можат да ги заменат автомобилите со артилерија?

Високи американски одбранбени претставници разговараа за производство на оружје и други воени материјали со раководители од компании, вклучувајќи ги „Џенерал моторс“ и „Форд мотор“, објави „Волстрит џурнал“ (WSJ) во среда, повикувајќи се на луѓе запознаени со дискусиите.

Прелиминарните разговори, кои започнаа пред војната со Иран, доаѓаат во време кога администрацијата на Трамп сака производителите на автомобили и другите американски компании да играат поголема улога во производството на оружје, според WSJ.

Официјални лица од Пентагон изјавија за весникот дека американските производители можеби ќе бидат потребни за поддршка на традиционалните добавувачи на одбраната и прашаа дали компаниите би можеле брзо да се префрлат на одбранбена работа.

„ЏЕ Аероспејс“ и производителот на возила и машини „Ошкош“ беа меѓу компаниите вклучени во разговорите со одбранбените претставници, додаде WSJ.

Ројтерс не можеше веднаш да го потврди извештајот. Пентагон, „Џенерал моторс“, „Форд“, „ЏЕ Аероспејс“ и „Ошкош“ не одговорија веднаш на барањата на „Ројтерс“ за коментар надвор од редовното работно време.

Официјален претставник на Пентагон изјави за WSJ дека Министерството за одбрана е „посветено на брзо проширување на одбранбената индустриска база со искористување на сите достапни комерцијални решенија и технологии за да се обезбеди нашите војници да одржат одлучувачка предност“.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година и воените операции на Израел во Газа, САД ги намалија своите залихи на оружје во вредност од милијарди долари, вклучувајќи артилериски системи, муниција и противтенковски ракети, премесува СееБиз.