Индустриското производство во март зголемено за 4,2%

34

south_carolina_auto_industry_factoryДржавниот завод за статистика вчера соопшти дека индексот на индустриското производство во Македонија во март се зголемил за 4,2% во однос на истиот период минатата година.

Март е втор месец по ред во кој индустриското производство во Македонија бележи пораст на годишно ниво, по растот во февруари од 4,5%.

Индустриско производство пред тоа беше во негативна серија од 17 месеци последователен пад, кој започна уште во септември 2011 година.

Споредено по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март  годинава, во однос на март лани, бележи пораст од 8,2%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0,9%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација порастот изнесува 20,6%.

Според главните индустриски групи, производството во март 2013 година, во однос на март 2012 година, бележи пораст кај Енергија за 16,2%, Капитални производи за 36,1%, Tрајни производи за широка потрошувачка за 26,9% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 13,6%, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 18,5%.