Инфлацијата во Британија повторно сруши рекорд

77

Инфлацијата во Британија го достигна највисокото ниво во последните 41 година. Причина за тоа се зголемените цени на енергијата, храната и транспортот, пренесува Ал Џезира. Индексот на потрошувачките цени достигна 11,1 отсто во октомври и сега е на највисоко ниво од 1981 година, објави Заводот за национална статистика (ONS). Во септември таа изнесуваше 10,1 отсто.

Сметките за гориво сега дополнително се зголемија, и покрај тоа што владата ги замрзна цените на енергијата поради енергетската криза предизвикана од инвазијата на Украина. Бројката за октомври ги надмина очекувањата на пазарот од 10,7 отсто и беше повисока од највисоката прогноза на Банката на Англија.

„ Зголемувањето на цените на гасот и електричната енергија ја турна инфлацијата на највисоко ниво во последните 40 години, и покрај тоа што владата ги ограничува цените на енергијата“, рече главниот економист, Грант Фицнер.

Во својот говор пред усвојувањето на државниот буџет, министерот за финансии Џереми Хант го обвини Владимир Путин и војната во Украина, како и последиците од пандемијата на коронавирус за растот на цените.