Инфлацијата во Германија во февруари 9,3 отсто

69

Германските потрошувачки цени, приспособени во однос на другите земји од Европската унија, неочекувано пораснаа во февруари, покажаа прелиминарните податоци во средата, што укажува дека постојаните ценовни притисоци не се намалуваат и ги зголемуваат очекувањата дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки.

Цените усогласени со ЕУ се зголемија во февруари за 9,3 отсто на годишно ниво, покажуваат прелиминарните податоци на Федералната канцеларија за статистика, пренесува Ројтерс. Инфлацијата ги надмина очекуваните 9,0 отсто и повторно забрза на повеќе од јануарските 9,2 отсто.

Во споредба со јануари, цените се зголемија за 1,0 отсто, што е повеќе од месечната стапка од 0,7 отсто што ја предвидуваа економистите. Изненадувачките податоци за инфлацијата од најголемата европска економија дојдоа еден ден откако инфлацијата во Франција и Шпанија исто така неочекувано порасна.

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за 300 базични поени (три проценти) од јули и најави ново зголемување на каматните стапки во март. Претседателот на Бундесбанката Јоаким Нагел оцени дека неодамнешниот пад на цените на енергенсите може да помогне во намалувањето на инфлацијата во блиска иднина, но дека среднорочната опасност останува. Тој навести дека зголемувањето на каматните стапки на ЕЦБ во март нема да биде последно.