Инфлацијата во Велика Британија се искачи на 3,5 проценти во април, главно поради енергетиката и транспортот

Годишната инфлација во Велика Британија се зголеми во април од мартовските 2,6 проценти на 3,5 проценти, првенствено поради повисоките цени на енергијата, транспортот и комуналните услуги, според податоците објавени денес од Британскиот завод за национална статистика (ONS).

Резултатот ги надмина проценките на аналитичарите кои генерално веруваа дека априлската инфлација ќе биде во опсег од 3,1 до 3,4 проценти, објавува „Гардијан“.

Според ONS, главниот придонес за растот на цените доаѓа од секторот за домување и комунални услуги, транспортот, како и рекреацијата и културата. Најголем пад е забележан кај облеката и обувките, но вкупниот раст е предводен од зголемувањето на цените на енергијата.