Милијардерот Тим Дрејпер има чуден сон, дополнително да ги подели САД, односно од Калифорнија да направи шест нови сојузни држави, а во центарот да биде Силиконската долина.
Дрејпер за својата иницијатива успеа да собере завидни 1,3 милиони потписи што е 7% од гласачкото тело, што е доволно предлогот да се најде на гласање во 2016 година, јавува британски Гардијан.
Иако е малку веројатно дека оваа идеја ќе стане реалност, замислата на Дрејпер стана феномен за кој многу се зборува и во Калифорнија и во целиот свет. Реакциите се различни – од потсмев, преку остро противење до бизарна поддршка. Во секој случај, Дрејпер продолжува да ја води кампањата објаснувајќи дека секоја од шесте нови држави може да се бори со сопствените проблеми.
Тој инсистира во центарот да биде Силиконската долина, која конечно би можела релативно независно да управува со текот на парите и даночната политика и тоа на начин на кој милирдерите, младите ИТ сили и двигателите на светската економија од високиот технолошки сектор сметаат дека е најсоодветен.
Силиконската долина креира одличен дел од бруто домашниот производ на Калифорнија, што е осма најсилна економија во целиот свет со невработеност од 7,8% и 18,5 милиони работоспособно население.
Ова не е прв обид некој да се залага за поделба на Калифорнија, а последниот сериозен обид бил забележан во 1859 година.