Insait Joy – паметна фудбалска топка

183
Фото: Facebook
Во знакот на фудбалот и актуелното светско првенство во Русија, кинеската технолошка компанија Xiaomi неодамна го претстави својот најнов гаџет, паметната Insait Joy топка, пишува популарниот портал Gadget.rocks.
За разлика од класичните топки, Insait Joy во својата внатрешност има посебен чип што овозможува бележење на податоците, какви што се брзината и “патот“ на топката. Вака собраните податоци може да се видат и анализираат преку посебна апликација на телефонот и на тој начин малите фудбалери, па и професионалците ќе може да ги исправат недостатоците при шутирање, како и да ги подобрат умешноста и вештините со топка.
Апликација овозможува подесување на три различи нивоа и 14 програми на вежби. Топката доаѓа во две големини, 4-ка и 5-ка, со тоа што 4-ката е наменета за децата, а другата за возрасните и професионалците.
Чипот се напојува со батерија којашто е интегрирана во топката и овозможува 40 дневно користење. Полнењето на батеријата е безжично со помош на посебен адаптер којшто оди во пакет со топката, а полнењето на топката трае околу 7 часа.
Оваа паметна топка се разликува од обичната и по начинот на којшто е изработена. Наместо традиционалниот начин со шиење, Insait Joy е направена со употреба на посебна технологија на топлотно спојување, што придонесува да биде далеку поотпорна на деформации од обичната топка. Освен што е направена од специјална PU кожа, топката е и водоотпорна.
Инаку оваа топка е само дел од мноштвото паметни гаџети коишто во последно време ги промовира Xiaomi. После паметните патики, паметниот електричен велосипед, од 10 јули во продажба доаѓа и паметната топка Insait Joy и ќе чини  околу 40 евра.