Интерактивна табла, дрон за прскање на шуми, статичен велосипед што полни мобилен телефон…

53

Во рамки на иницијативата Петок за млади на Фонд за иновации и технолошки развој вчера беше направена мини изложба на ученички проекти поддржани од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку програмите Предизвик за млади истражувачи и UPSHIFT, стои во соопштението.

Настанот беше во изложбениот простор на Академијата за науките и уметностите (МАНУ) каде се одржуваат Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија.

Креативните средношколци од гимназијата Киро Спанџов Брко и од Кавадарци и двете скопски гимназии Георги Димитров и Орце Николов ги претставија своите проекти и го објаснија целиот процес на работење од идеја до реализација на иновацијата.

Средношколците од Кавадарци работат на повеќе проекти меѓу кои и интерактивна паметна табла којашто ја заменува класичната школска табла на која може да се пишува со паметен покажувач наместо со креда, и канти за отпадоци со систем за рециклирање на пластични шишиња и конзерви.

Тимот на скопската гимназија Георги Димитров направи повеќенаменски дрон со кој прскањето на шумските предели со пестициди  ќе може да се прави центрирано наместо низ широки површини со што ќе се заштити екосистемот а особено пчелите кои најмногу страдаат при користењето на пестициди.

Иновацијата на учениците од гимназијата Орце Николов од Скопје е статичен велосипед опремен со механизам кој преку ротирање на педалите полни мобилни телефони. Иновацијата придонесува за развивање на здрави навики и заштеда на електрична енергија.

Ученците од трите гимназии имаа прилика и да се запознаат со истражувањата и работата на ЦЕРН преку изложба и атомските интерактивни игри.

“Изложбата на Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) е еден од механизмите преку кои сакаме да го поттикнеме критичкото и креативното размислување кај младите. Со поддршката која им ја дава ФИТР преку програмите Предизвик за млади истражувачи и UPSHIFT ги мотивираме и им олеснуваме при реализирање на идеите“, посочи Николина Стојановска Трајковска од ФИТР.

Манифестацијата Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија беше отворена на 13-ти мај, 2019 година во организација на ФИТР, со поддршка на Природно – математички факултет при УКИМ и МАНУ.