Интервју со Филип Поповски (Готвиме со Фичо ) „Јас не се занимавам со угостителство, јас живеам угостителство“

5400

Додека нешто не ви стане бизнис е преубаво патување, откако ќе почнете да заработувате се претвора во машинерија која тешко се контролира. Кога нешто посакувате лесно ќе стигнете до него од причина што силно го посакувате и не сте свесни дека давате натчовечки напори, меѓутоа кога ќе ја стигнете целта, тешко се одржува. Секој тркач се задишува во трка, па ќе се закашла, па мора да одмори, потоа повторно продолжува. Битно е да се продолжи, нема застанување! Оттука ќе резимирам дека нема лесно! 🙂 Секогаш и сè е тешко! Меѓутоа нема застанување…, вели Филип Поповски кој во јавноста е познат по своето кулинарско шоу „Готвиме со Фичо“. Филип кој инаку е магистер по Интелектуална сопственост за читателите на Бизнис Инфо открива како навлегува во кулинарските води, градењето на тим, која е неговата визија…

Бизнис Инфо: Кога и како започна Вашата кулинарска приказна?

Уффф на ова прашање можам да зборувам цел ден J

Ок, ајде накратко, јас сум магистер по Интелектуална сопственост, меѓутоа додека го одев тој пат попатно имав контакт со готварството како дел од угостителството. Имав можност да поминам добри обуки низ Италија и Франција, дел и во Скопје. Низ годините имав неколку неуспешни обиди за приватен бизнис, причината секогаш беше финансии… На жалост успехот во угостителскиот бизнис е тесно поврзан со финансии. Меѓутоа верувам дека е исто во секој бизнис. Не жалам за ниту еден обид што го направив, баш напротив на тоа гледам како на добро школо. Во изминативе десетина години поминав доволно за да ги научам основите во угостителтвото, а понатаму сè е сопствено гледиште на бизнисот, креирање свој стил и градење на имиџ како готвач. Конечно си го најдов своето место под сонцето и “да чукнам во дрво” добро е! 🙂 Покрај емисиите кои ги снимам водам и добар ресторан во кој квалитетната храна ни е заштитен знак.

Бизнис Инфо: Одбравте сосема нова професија од она што го студиравте. Како од оваа дистанца гледате на сопствениот избор своето професионално поглавје да го градите во угостителскиот сектор. Што беше најлесно, а што најтешко на почетокот?

Не можам конкретно да одговорам на ова прашање од причина што не сум сигурен кога беше точно почетокот, едноставно се случуваше попатно и сами се редеа коцките. Буквално сè што правев и сè што правам е без посебен план – секој потег ми е моментална инспирација и не размислувам за краен исход. Битно ми е сè што ќе направам да е од срце и да e лично моја желба, доколку нешто не ми се допаѓа, не го правам за ниту едни пари на светот. Ништо не е тешко ако се сака. 🙂
Интересно е што додека нешто не ви стане бизнис е преубаво патување, откако ќе почнете да заработувате се претвора во машинерија која тешко се контролира. Кога нешто посакувате лесно ќе стигнете до него од причина што силно го посакувате и не сте свесни дека давате натчовечки напори, меѓутоа кога ќе ја стигнете целта, тешко се одржува. Секој тркач се задишува во трка, па ќе се закашла, па мора да одмори, потоа повторно продолжува. Битно е да се продолжи, нема застанување! Оттука ќе резимирам дека нема лесно! 🙂 Секогаш и сè е тешко! Меѓутоа нема застанување…

Бизнис Инфо: Пандемијата силно удри во угостителскиот сектор, многу луѓе натера да се откажат да се занимаваат со угостителство. Како вие ја преживеавте оваа агонија?

Веднаш ќе ве корегирам, јас не се занимавам со угостителство, јас живеам  угостителство. 🙂 Не можам да се откажам од животот. Борба беше таа година, уште потешка борба е сега. Сега ги поминуваме последиците од пандемијата, тие се потешки од самата пандемија. Како што реков никогаш не било потешко и никогаш не било полесно во исто време… Кога човек се бори за живот ќе направи сè што треба за да преживее. Се откажаа тие кои што никогаш не ни биле угостители. Угостителството не се работи за пари, не велам дека не е доходовно, меѓутоа како и секој бизнис така и овој бизнис е зависен од пасија, зависен од желба, зависен од љубов кон работата, доколку овие три параметри не се присутни во бизнисот кој го работите тогаш нешто правите погрешно. Тука ќе го спомнам советот на брат ми кој што никогаш нема да го заборавам, тој еднаш ми рече: “Ти брат работи го тоа што го правиш со љубов, работи квалитетно, а успехот нема да те одмине”. Ова е голема вистина!

Бизнис Инфо: Одливот на работна сила е нешто што нè следи со години. Според вашето досегашно искуство, дали парите се единствената причина за заминувањето надвор, што треба да промени?

Пааа јас имам различно гледиште на оваа проблематика. Моментално можам да речам дека не постои ресторан во Хрватска во кој нема барем еден Македонец. Јас мислам дека секој може да успее тука, да успее дома и самиот сум имал многу понуди да одам надвор и секогаш сум одбил. Не дека тука ми било добро или убаво, туку сум сакал да успеам дома. Мислам дека секој готвач треба да се стреми да успее дома. Од друга страна ги поддржувам оние кои што одат надвор да купат/научат некоја техника, да научат нешто ново, меѓутоа потоа да се вратат и да го имплементираат наученото тука, дома. Линијата тука е многу тенка, многу лесно може да ве поведат парите и најубавите години да ги поминете надвор не знаејќи дека тука можете да постигнете повеќе. На почеток никогаш не се гледа целта, не можете да го видите крајот. Таму надвор никој не пишува историја… Никој никогаш нема да рече “имаше еден Петар од Македонија што работеше во Задар” 🙂 Ме разбирате? Таму, надвор секогаш ќе бидете на второ место, нема да ви дозволат да направите кариера… Нормално секогаш постојат исклучоци, но се многу малку. Повторно ќе речам, доволно е само да бидете конзистентни во работата, да дадете сè од себе и успехот сигурно ќе ве стигне. Кога ќе почнете, парите не треба да бидат водилка…

Бизнис Инфо: Имате работено со луѓе со завиден професионален бекграунд, што имате научено од нив  и колку ги пренесувате искуствата  на млади кои допрва ја градат својата кариера?

Често кога имам контакт со млади готвачи им велам, вие само сакајте да научите, јас сè ќе ве научам. Нормално, јас можам да ги дадам основите, понатаму сопствениот стил и својот печат секој си го гради сам. Шансите се на маса, секој може да ги искористи или да ги остави. Не можам да ветам дека некој ќе го направам врвен, ниту јас не сум врвен, меѓутоа можам да го инспирирам и да го наведам на патот кој води кон врвот. Да било лесно сите би биле врвни готвачи. Не можам за себе да речам дека сум врвен сè додека не го прочитате моето име во некој светски гастрономски магазин. 🙂 Негде имам прочитано: “Ќе работам напорно додека не видам сопствен портрет во Форбс” 🙂

Сум бил во присуство на неколку врвни готвачи од кои сум очекувал дека којзнае што ќе научам. Меѓутоа како што реков и самиот, тие не зборат за рецепти, не постојат тајни рецепти! Тие ќе ви ја дадат основата, а понатаму сте сами. Сè е до нас самите. Тие ве инспирираат и ви го покажуваат патот, а дали ќе го изодиме е до нас самите.

Бизнис Инфо: Хармоничен и успешен тим во кујната и ресторанот не е лесно да се состави, а уште потешко е да се задржи. Како ги мотивирате, која е вашата тајна?

Не постои потешка мисија од создавање тим. Таман сте помислиле дека имате тим, некој ќе замине. Дури и најдобрите готвачи се во тим од тројца луѓе околу себе, а сите други се менливи играчи. Многу тешко се составува тим од тројца. Иако изгледа лесно, претешко е! Во минатото кога некој сакаше да замине од мојот тим, разговарав, го убедував, правев сè за да му ја објаснам мојата визија, меѓутоа најчесто беше залудно… Ми требаше долго време да сфатам дека тимот сам ќе се селектира. Сега веќе никој не се обидувам да го задржам, баш напротив на секој му посакувам сè најдобро, можеби во иднина тој ќе состави свој тим итн. Јас имам визија и решен сум да ја остварам, кој сака да се вози со мене е добредојден и можеме да бидеме тим, кој не сака, нема проблем. Секој си е сам креатор на својот живот и својата кариера.

Бизнис Инфо: Дали постои  готвач (личност) на кој најмногу му се восхитувате и зошто токму нему?

Им се восхитувам на многумина. Секој од нив е со специфичен изграден стил на кој му се дивам! Можам да ги одвојам Мауро Колагреко, Седрик Гролет, Алан Дукас итн. Мене повеќе ме мотивира музика отколку други готвачи, сакам уметности. Буквално ми се случува да бидам креативен во сред ноќ. 🙂 Ова ми се случува многу често.

Се восхитувам на секој успешен човек, ме инспирира успехот на секој! Не мора да биде готвач.

Бизнис Инфо: Прилично успешно ги  совладувате вашите професионални предизвици… Што е следно?

Сé уште не сум ја реализирал мојата визија. Сакам да направам ресторан кој ќе работи исклучиво локална кујна на модерен начин. Работам на овој проект и се надевам дека брзо ќе се реализира. Овие проекти се зависни од финансии, така да чекам инвеститорот да ми го одобри проектот и да тргнам! 🙂 Македонија е прилично ризичен пазар за поголеми инвестиции па од таа гледна точка не можам никој да притискам или да го убедувам во мојата визија. Сè во свое време.

Бизнис Инфо: Имате ли совет за луѓето кои се двоумат помеѓу започнување на свој сопствен бизнис или заминување и барање на среќата во странство?

Среќата е таму каде што ви е семејството, пријателите и саканите. Ако барање среќа значи плата од 2000 евра  тогаш со среќа нека се! 🙂 Сте успеале во животот!

За мене е глупост да се бара среќата некаде каде што не сте во моментот. Успех е да се најде среќата во опкружувањето во кое сте присутни во моментот. Ќе одите во странство и ќе работите цел живот за да се вратите назад да купите стан, куќа или кола?! Ако тоа ве прави среќни, направете го! Ако ви е среќа по секоја цена да живеете во странство направете го тоа! Меѓутоа имајте на ум дека во странство секогаш ќе бидете странци…

Во странство парите не растат на дрво и никој нема да ве плати повеќе. За да бидете платени повеќе ќе работите повеќе и на крајот од денот грешката на секој што оди на печалба во странство трга од својот стандард и од своја гледна точка. Што мислите зошто во Германија и во Хрватска ве примаат вас?! Зошто сте добри играчи??? Не, туку зошто сте евтини играчи. Ако се плаќачи зошто не платат локални готвачи? 🙂 За готвачите кои вие ги менувате мед и млеко тече во некоја друга земја. 90% од готвачите кои одат да работат во странство, работат за просечна плата за тамошниот стандард, а многу често и за пониска плата. Тоа не значи дека сте напреднале туку значи дека само сте ја смениле околината, вредноста останува иста. Ме разбирате?

Многумина велат дека се среќни во Америка, така?! Почекајте да ги заболи заб, па да видите каде ќе се вратат… 🙂 Интересна е перцепцијата на зборот среќа. Секако повторно ќе речам, постојат исклучоци. И секоја чест за нив!

Мислам дека во моментов не е погодно за започнување угостителски бизнис од причина што многумина се во потрага по среќата надвор, па тешко ќе ви биде да составите тим. Ќе треба сè да работите сами, а сам човек не е за нигде. Сам не се успева.

Доколку сте на ум да заминете надвор, јас би ве советувал да си дадете уште една шанса и да пробате уште еднаш да останете овде и да бидете дел од некој тим или да создадете сопствен тим! Обидете се да бидете среќни опкружени со очи кои ги познавате. Што и да одлучите нека ви е со среќа! 🙂