Интервју со Глaвниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ : Осигурувањето не е трошок, туку инвестиција во иднина и начин за надминување на неизвесноста

1140

Мисијата на Триглав Осигурување е да градиме побезбедна иднина за сите. Нашите клиенти, вработени, партнери и инвеститори се во фокусот на сите наши активности. Нашите основни вредности, агилност, едноставност и доверливост нѐ водат во нашата потрага по извонредност. Визијата, да поставиме стандард за извонредно корисничко искуство, во секое време и секаде, и високиот индекс на корпоративен углед во индустријата, нè позиционираат како прв избор на клиентите, вели во интервју за Бизнис Инфо, Глaвниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ.

Бизнис Инфо:Вашата компанија има лидерската позиција на македонскиот пазар. Дали сте задоволни од досегашните деловни резултати и кој е следниот фокус на кој ќе се насочите како компанија?

Ѓорѓе Војновиќ  Во првото полугодие од 2024 година, Триглав Осигурување обезбеди бруто полисирана премија од 14,6 милиони евра, со што оствари повисок раст од пазарниот, односно15,14%, споредено со истиот период минатата година. Компанијата оствари и повисок пазарен удел, од 13,35%, потврдувајќи ја својата долгогодишна лидерска позиција на пазарот на неживотно осигурување. Во дадениот период постигнавме одлични резултати во областа на здравственото осигурување и осигурувањето од незгоди, како и осигурувањето на имот.

Во денешниот брз дигитален свет, посветени сме на искористување на моќта на технологијата за да обезбедиме исклучително корисничко искуство за нашите клиенти. На почетокот на годината воведовме онлајн пријава на осигурен случај по доброволно приватно здравствено осигурување преку OneID. Ова е исклучително иновативно, но воедно и едноставно решение, кое носи придобивки за обете страни, за клиентите, кои од удобноста на својот дом можат да побараат надомест за трошоци безбедно и брзо, но и за нас, затоа што ова решение значајно ги оптимизира, т.е. ги поедноставува и подобрува процесите на управување со пријавите. Дополнително, ова решение нуди транспарентност на процесот на пријава за надомест на трошоци и веруваме дека им помага на клиентите полесно да се справат со потешкотиите, со кои што се соочуваат во овие моменти. Од друга страна, континуирано имплементираме решенија, кои што ги оптимизираат внатрешните процеси и придонесуваат кон поефикасна работа и подобрување на задоволството на клиентите и на вработените.

Истражувањата покажуваат дека нашите клиенти и јавноста го препознаваат квалитетот на производите и услугите што ги нуди Триглав Осигурување, за што потврда се и сертификатот за квалитет Qudal и Best Buy Award, што компанијата ги освои оваа година. Овие сертификати се одраз на нашата посветеност на исполнување на највисоките стандарди на работење и обезбедување најдобра вредност за нашите клиенти.

Важно ни е да понудиме новитети, кои ги поддржуваат современите светски трендови и да покажеме емпатија кон предизвиците со кои што како општество се соочуваме. Развојот го насочуваме кон понуди, кои што ги интегрираат стратешките насоки, особено одржливоста во работењето и грижата за животната средина. Стратешка амбиција на компанијата е да обезбеди извонредно клиентско искуство, а достапноста на услугите е секако еден од приоритетите. За таа цел, особен фокус имаме на дигитализација на услугите и процесите, како и на развој на банко каналот и на соработката со останати финансиски институции. Од друга страна, достапноста на производите ја градиме и преку понуда на решенија, кои што одговараат на различни пазарни потреби и можности.

Развиваме иновативни решенија, како каско green, кое што нуди големи поволности за осигурување на хибридни и електрични возила, со што го наградуваме користењето на овој вид возила, сѐ со цел да придонесеме кон намалување на CO2 емисиите во воздухот. Градиме екосистеми на поврзани, услужно-ориентирани решенија и асистенции и, покрај традиционалните осигурителни производи, располагаме со комплетна понуда во делот на employees benefits програмата, која што е веќе добро позната на нашите клиенти. Во осигурувањето на дом, на пример, кое што нуди флексибилност во изборот на покритија, вклучуваме и поволности, кои што ја поттикнуваат енергетска ефикасност и на тој начин ја поддржуваат заштитата на животната средина.

Креираме и проекти, кои што сметаме дека се приоритет во денешно време и кои што мотивираат и иницираат позитивни промени. Токму затоа, минатата година, во соработка со Challenger, ја воведовме годишната програма Триглав Зелена Лига, проект на лојалност за нашите корпоративни клиенти на доброволно здравствено осигурување и за нашите вработени. Триглав Зелена Лига беше заеднички годишен предизвик за заштеда на емисии на CO2, што го вклучува одржливиот развој во својот концепт и ја наградува грижата за нашето здравје и за животната средина. Секако планираме и натаму да развиваме вакви проекти, коишто поддржуваат важни концепти на денешницата.

Бизнис Инфо:Каде е македонскиот осигурителен пазар во споредба со другите земји во регионот?

Ѓорѓе Војновиќ:Осигурителната индустрија на македонскиот пазар е најмалку развиениот сегмент од финансискиот систем во земјава. Во структурата на финансискиот систем таа има удел од 3,5%, а густината на осигурување во 2023 година изнесуваше 127 евра осигурителна премија по жител  (2022: 113 евра), што е далеку под просекот на ЕУ (2000 евра), но во рамки на просекот на земјите од Западен Балкан. Нивото на осигурителна пенетрација укажува дека вкупната бруто полисирана премија во 2023 година изнесувала само 1,7% од бруто домашниот производ во земјава (2022: 1,6%). Пазарот на неживотно осигурување покажува раст, но како индустрија сме сè уште далеку од реализирање на потенцијалот, кој што постои во секторот.

Во Триглав Осигурување продолжуваме посветено да работиме на исполнување на стратешките цели, да го зголемиме обемот на работа, да бидеме успешни во основната дејност и уште повеќе да ја зајакнеме нашата позиција на пазарот. Во преден план го поставуваме исклучителното корисничко искуство, а како компанија, ќе продолжиме да го фокусираме нашето внимание на грижата за развој на побалансирано друштво, насочено кон градење на посигурна и поодржлива иднина. Се надеваме дека ќе бележиме уште подобри резултати во незадолжителните класи на осигурување, чиј развој е особено важен и за осигурителната индустрија, но и за граѓаните. Веруваме дека дигитализацијата на услугите, градењето на екосистеми на поврзани услуги и поголемата флексибилност и достапност на услугите се фактори, кои што во голема мера ќе придонесат кон подобри резултати.

Бизнис Инфо:Кои видови осигурување доминираат и кои се моментално најголемите предизвици на македонскиот осигурителен пазар?

Ѓорѓе Војновиќ: Во резидентниот сегмент сè уште доминираат задолжителните класи на осигурување. Но, во корпоративниот сегмент можат да се забележат позначајни позитивни поместувања. Зголемувањето на странските инвестиции во државата придонесе компаниите сѐ повеќе да ја препознаваат потребата од осигурување и да го третираат осигурувањето како инвестиција во својата сигурност и непречен развој. Кај домашните компании фокусот е сè уште повеќе насочен кон потрадиционални продукти за осигурувања на движен и недвижен имот, како пожарно и осигурување на возила, но, со развој на ИТ секторот во државата, побарувачката на осигурителни продукти наменети за вработените се зголемува. Токму затоа, овие класи на осигурување бележат двоцифрен пораст изминатите неколку години. Очекуваме овој тренд да продолжи и следните години, а временските неприлики (климатските промени), развојот на технологијата, како и вештачката интелигенција веруваме дека ќе придонесат за развој на нови осигурителни производи, кои што ќе го следат развојот на корпоративниот сектор.

Во изминатиот период сѐ поизразен е трендот во корпоративниот сектор, покрај стандардните продукти за осигурувањето на имотот сѐ повеќе да се склучуваат договори од employees benefits програмата, како што се приватното здравствено осигурување, осигурувањето од незгода, животното и пензиското осигурување. Присуството на интернационални компании во земјата придонесе и за подигнување на свеста кај домашните компании за продукти како осигурување на побарувања, осигурување од одговорности во работењето, како и осигурување од сајбер напади. Забележлив е исто така и  порастот на побарување на полиси за осигурување на фотоволтаични електрани.

Еден од клучните предизвици со кои што се соочувавме во изминатиов период е влијанието на инфлацијата, особено изразена во трите најдоминантни класи во осигурителниот сектор.

Растот на продажбата на доброволно здравствено осигурување, како и несоодветните услови во jавното здравство, предизвикаа пораст на користење на услугите во приватните здравствени установи, а од друга страна, нивната лимитираност на само неколку големи приватни здравствени установи, предизвика драстично зголемување на цените на здравствените услуги. Следствено на тоа, значително се зголемија износите за исплата на штети и затоа компаниите мора да реагираат со зголемување на цените на осигурувањето.

Слична е состојбата и кај имотните осигурувања, каде што растот на цената на градежен квадрат, повисоките цени на материјалите и пософистицираната опрема, како и климатските промени, кои што влијаат врз земјоделието, ги зголемуваат сумите на осигурување и ризиците, кои што ги покриваат осигурителните компании. Осигурителните компании во овој сегмент сè уште ги балансираат цените со техничкиот резултат што го остваруваат, но прашање на време е кога ќе треба да се направи корекција на цените. И мораме да зборуваме за најдоминантната класа, задолжителното осигурување од автомобилска одговорност, каде што цената на осигурувањето не е променета повеќе од 15 години. Како за пример, во 2007 година, кога последен пат беше утврдена цената од страна на државата, без дел од автомобилската индустрија. Тогаш Форд фокус, чинеше помеѓу 13 и 15 илјади евра, додека денес Форд фокус е со цена од 35 до 40 илјади евра, а цената на осигурување остана иста. Ова само го посочувам како пластичен пример зошто треба да се корегира цената на задолжителното автомобилско осигурување, со цел компаниите да останат стабилни, сигурни и ликвидни во процесот на исплаќање на штетни побарувања.

Осигурителниот сектор како интегрален дел од финансискиот сегмент во општеството е столб на сигурност за сите правни и физички лица, кој и покрај перцепцијата дека е многу профитабилен, во реалноста прикажува целокупен пазарен профит помал од единечен профит на помала банка во Македонија.

Бизнис Инфо:Често слушаме дека основен проблем е недоволната информираност кај граѓаните за можностите и важноста на осигурувањето! Како да се смени перцепцијата дека осигурувањето е трошок?

Точно е дека постои перцепција дека осигурувањето е повеќе трошок отколку неопходност и потреба. За да го промениме ова мислење, потребно е да се фокусираме на повеќе аспекти, како едукација, достапност и секако, градење доверба.

Едукацијата е една од клучните алатки за надминување на сегашната состојба на осигурителниот пазар. Многумина го гледаат осигурувањето како комплексна и скапа обврска, па затоа треба да ги разбиеме овие бариери и да покажеме дека осигурувањето може да заштеди значителни трошоци на долг рок—без разлика дали се работи за здравствени случаи, незгоди или штети на имот—треба да им помогнеме на луѓето да разберат дека осигурувањето не е трошок, туку инвестиција во нивната иднина и начин за надминување на неизвесноста.

Потребно е да го направиме осигурувањето што подостапно и персонализирано. Нудењето на флексибилни пакети, кои што одговараат на различни буџети и потреби може да им помогне на луѓето да сфатат дека постојат осигурителни производи, кои што одговараат на нивната финансиска состојба.

Конечно, градењето доверба е исклучително важно. Таа подразбира транспарентност во однос на тоа што покрива осигурувањето, кои се вклучените трошоци и како функционира процесот на поднесување на барања за исплата на осигурени случаи. Мораме да ги користиме сите алатки, што ни се на располагање, да го демистифицираме осигурувањето и да градиме доверба во неговата вредност, а со тоа и постепено да ја менуваме перцепцијата за осигурувањето од тоа дека е непотребен трошок во тоа дека е важен и вреден дел од финансиското планирање.

Бизнис Инфо:По што би ја издвоиле понудата на Триглав осигурување од конкурентските компании на македонскиот пазар? Кои се приоритетите на компанијата?

Ѓорѓе Војновиќ: Мисијата на Триглав Осигурување е да градиме побезбедна иднина за сите. Нашите клиенти, вработени, партнери и инвеститори се во фокусот на сите наши активности. Нашите основни вредности, агилност, едноставност и доверливост нѐ водат во нашата потрага по извонредност.

Визијата, да поставиме стандард за извонредно корисничко искуство, во секое време и секаде, и високиот индекс на корпоративен углед во индустријата, нè позиционираат како прв избор на клиентите. Користиме дигитални решенија за да понудиме поедноставен пристап до нашите услуги, поддржувајќи ги потребите и барањата на клиентите и на пазарот. Можностите во овој домен се навистина неограничени, така, на пример, минатата година воведовме услуга за увид и процена на штета на далечина, што во голема мера го олеснува процесот и за клиентите и за вработените. Исто така, ги унапредивме процесите на процена за прием во осигурување и процена на штета со употреба на дрон, што во голема мера придонесе кон подобрување на прецизноста и транспарентноста на овие процеси.

Одржливоста е вткаена во структурата на нашето корпоративно управување, на тој начин ги инкорпорираме еколошките, социјалните и управувачките фактори во нашите деловни практики. Посветени сме на носење одговорни одлуки, кои што се важни и имаат влијание врз сите засегнати страни, но и врз животната средина и општеството како целина.

Во сè што правиме, градиме бренд, фокусиран на клиентите, кој ги става нивните потреби на прво место. Истовремено, создаваме бренд на работодавач кој е насочен кон вработените, поттикнувајќи култура на работното место каде што нашите вработени се чувствуваат ценети, мотивирани и згрижени. Во Триглав Осигурување, искрено се грижиме за нашите клиенти, нашите вработени и заедницата на која што ѝ служиме.

На крај, одржувањето висока позиција на толку динамичен и компетитивен пазар е вистински предизвик и континуирана борба, но ние сметаме дека таа, пред сѐ, е  обврска и должност, да го развиваме и движиме овој сегмент напред.

Бизнис Инфо:Триглав е поддржувач и партнер на проектот „Бизнис Лидер“. Проектот има за цел да постави нови стандарди во бизнис заедницата преку различни активности. Кои се вашите очекувања од овој проект?

Ѓорѓе Војновиќ: Проекти како „Бизнис Лидер“ се неопходни во нашата бизнис заедница, затоа што тие придонесуваат кон поставувањето и зацврстувањето на темелите и стандардите на корпоративното управување и работење, во согласност со светските трендови. Поставуваат рамки за развој на здрави меѓусебни односи, професионалност во работењето и етичко однесување на корпоративно ниво и кон своите клиенти. На крај, унапредувањето на овие аспекти може да има директно влијание врз развојот на економијата и квалитетот на животот на граѓаните.

Корпоративното лидерство подразбира комбинација на изразени практики на корпоративно управување и стратешко планирање. Во Триглав Осигурување поддржуваме транспарентност и одговорност на секое ниво. Ова значи јасна комуникација на целите, предизвиците и резултатите, така што секој знае која е неговата улога и одговорност. Етиката во управувањето е исто така суштинска. Компаниите кои го ставаат интегритетот на прво место, градат доверба кај клиентите, вработените и партнерите, што е основа за долгорочен успех. Да не заборавиме, разновиден и инклузивен тим овозможува иновативно и навремено донесување одлуки, правејќи ја компанијата поагилна и поспособна да одговори на промените на пазарот.

Визионерството во лидерство игра клучна улога. Поставуваме јасни и амбициозни цели и ги инспирираме своите тимови да работат кон нив со страст. Клиентскиот пристап е исто така многу важен; преку длабоко разбирање на потребите на клиентите, можеме да понудиме производи и услуги, кои што градат лојалност и поттикнуваат раст. Иновацијата и адаптибилноста се подеднакво важни—затоа, постојано инвестираме во нови технологии и се прилагодуваме на промените на пазарот.

На крај, фокусот на одржлив раст е она што нѐ издвојува. Компаниите кои гледаат подалеку од краткорочните добивки и инвестираат во долгорочен успех, балансирајќи ја профитабилноста со социјална и еколошка одговорност, градат цврста основа за иднината. Тоа нѐ прави отпорни, а со добар пристап во управување со ризиците ни овозможува да се справиме со предизвиците без да го изгубиме фокусот на нашите стратешки цели.