
Дефицитот на стручен кадар е исто така нешто кое ни создава потешкотии во тековното функционирање, но веќе работиме на регрутирање на нов кадар со фокус на млади професионалци и редовни стручни обуки за вработените. Во таа насока, изминатава година организиравме две стручни советувања наменети за правниците од АКН, вели Иван Живковски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, во интервју за „Бизнис инфо“.
Електронскиот шалтер, вели, е најкористената алтката кај професионалните кориснци на услугите (нотарите, геодетските компании, адвокатите, единиците на локална самоуправа, извршителите, Министерствата и други институции (околу 2.000 корисници).
– Во споредба со 2016 година, кога само 58% од барањата биле електронски поднесени, денес дури 90 % од поднесените барања/ пријави во катастарот се поднесени електронски, што значително ја намали потребата за физичко доаѓање до шалтерите. Напредокот во дигитализацијата на услугите не само што ја подобри ефикасноста, туку и ја зголеми довербата на граѓаните и професионалните корисници во институцијата, истакнува Живковски.
Во интервјуто додаде дека во овој момент не се размислува за ново намалување на катастарските услуги, зошто изминатата година се намале ни најголемиот дел од катастарските услуги, во просек за 75%.
– Агенцијата за катастар на недвижности во најголем дел e самофинансирачка институција која своите финансиски обврски самостојно ги подмирува, a дополнително намалување на цените на катастарските услуги негативно ќе се одрази на финансиската стостојба, порача директорот.
По измината една година на раководната позиција, што би издвоиле како најголем успех до сега? Дали има нешто што денес би пристапиле на поинаков начин ако ја започнувавте функцијата одново?
– Во изминатава една година откако сум на челната позиција како Директор на Агенцијата за катастар на недвижности многу проекти се реализираа за подобро функционирање и унапредување на работата на катастарот, а се во интерес на граѓаните на Република Македонија и на бизнис заедницата. Само што стапив на функција се соочив со проблемите во катастарот, односно затекнав преку 5.600 нерешени предмети, кои со ефикасна внатрешна реорганизација успеавме да ги решиме, но и во од да ги решаваме сите тековно пристигнати предмети. Земајќи ги во предвид реакциите на граѓаните и бизнис заедницата извршивме детална финансиска анализа и одлучивме драстично да ги намалиме цените за одредени (најчесто користени) катастарски услуги, за дури за 75%. Во поглед на оваа одлука бевме поддржани од Премиерот и од Владата на Република Македонија, а секако најпозитивни реакции добивме од медиумите, бизнис заедницата и од сите корисниците на нашите услуги. Сето ова го реализиравме непосредно по моето доаѓање на функцијата Директор на Агенцијата за катастар на недвижности и имавме еден успешен и забележителен старт така што не би променил ништо доколку сега ја започнам функцијата директор.
Кои други позначајни проекти ги реализираавте во изминатава година?
– Успеавме за кратко време да изработиме платформа (e-uslugi.katastar.gov.mk) за електронски услуги преку која сите корисници на катастарските услуги можат електронски да ги добијат бараните податоци на својата електронска пошта односно за само една минута по поднесеното електронско барање – електронски на меил адресата на барателот или на неговата домашна адреса. Исто така успеавме И-кат апликацијата која обезбедува преглед на алфанумерички и геопросторни информации за податоците од геодетско – катастарскиот информационен систем, и која е бесплатна да ја модернизираме и направиме достапна и за корисниците I-phone a не како претходно само за корисниците на Android. Воедно воведовме и нова он-лајн апликација која на корисниците им овозможува во реално време увид во статусот на поднесеното барање во катастар.
Каква е Вашата соработка со Владата, но и со другите државни институции?
-Во насока на ова може да истакнам дека имаме одлична соработка со Владата и со другите државни институции и дека во чекор ја следиме Владата при реализација на владината програма за работа. Како институција сме главна поддршка на Владата на Република Македонија во клучните поректи од национално значење како што се „Коридорите 8 и 10“, како и поддршка во реализација на инвестиции во земјава. Како последна инвестиција би ја издвоил изградбата на Ветерниот парк за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет над 10 мега вати во близина на Штип, каде што Агенцијата за катастар на недвижности даде значаен придонес во реализација на овој проект, односно ние имавме задача да смениме катастарска култура на околу 1400 катастарски парцели и истото го направивме во најкус можен рок.
Во континуитет помагаме и на органите на прогонот при спроведување на предистражни и истражни постапки, како и на Државната комисија за спречување на корупција при утврдување на имотот на именуваните и избраните функционери.
Воедно, во 2024 година преку платформата Е-ВЛАДА до Агенцијата се пристигнати и процесирани вкупно 839 барања за мислења во врска со работи за кои е надлежна Агенцијата, а оваа 2025 година заклучно со денес нивниот број изнесува 512. На крај можам да заклучам дека како Агенција за катастар на недвижности имаме голем делокруг на работа и на надлежности и со гордост можам да кажам дека за разлика од изминатите седум години, сега навремено, уредно и законски ги решаваме сите предмети и секогаш стоиме на располагање на Владата, другите државни органи, на граѓаните, но и на сите професионални корисници.
Модернизацијата и професионалниот развој на вработените се важни теми – како се движат тие процеси во Катастарот? Има ли интерес од млади кадри да станат дел од тимот и што преземате за да ги задржите поискусните вработени, особено во услови на недостиг од стручни луѓе?
– Дефицитот на стручен кадар е исто така нешто кое ни создава потешкотии во тековното функционирање, но веќе работиме на регрутирање на нов кадар со фокус на млади професионалци и редовни стручни обуки за вработените. Во таа насока, изминатава година организиравме две стручни советувања наменети за правниците од АКН. На првата обука опфативме теми кои ги разработивме со претставници од нотарската комора, комората на извршители и професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, додека пак на втората обука се насочивме кон прашања поврзани со судските одлуки со професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и судии од Академијата за судии и јавни обвинители. Сакам да истакнам дека во изминатиот период склучивме меморандуми за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Целта на овие Меморандуми е продлабочување на институционалната соработка и размена на знаења и искуства, како и заедничка реализација на обуки за размена на информации и експертиза, заедничко учество на конференции, организација на едукативни настани и други активности од заеднички интерес.
Колку се користат постоечките дигитални услуги од страна на граѓаните? Кои од нив се покажуваат како најпопуларни во секојдневното работење?
– Електронскиот шалтер е најкористената алтката кај професионалните кориснци на услугите (нотарите, геодетските компании, адвокатите, единиците на локална самоуправа, извршителите, Министерствата и други институции (околу 2000 корисници). Во споредба со 2016 година, кога само 58% од барањата биле електронски поднесени, денес дури 90 % од поднесените барања/ пријави во катастарот се поднесени електронски, што значително ја намали потребата за физичко доаѓање до шалтерите. Напредокот во дигитализацијата на услугите не само што ја подобри ефикасноста, туку и ја зголеми довербата на граѓаните и професионалните корисници во институцијата. Порталот за електронски услуги е најатрактивен и најкористен од страна на физичките и правните лица, кои со неколку клика брзо и лесно можат да се преземат имотен лист и бројни други услуги и продукти. Овој нов портал е пуштен во употреба кон крајот на 2024 година и истиот е награден со 10 нови услуги на постоечките 109.
Дополнително, електронски можат да се проверат и сопственоста и катастарската состојба, може да се следи статусот на предметите, да се врши плаќање на такси онлајн, а електронски може да се пристапи и до геопросторните податоци преку националниот геопортал nipp.katastar.gov.mk, како и да се има пристап до LiDAR порталот на Агенцијата.
Во многу скоро време планираме да извршиме целосна дигитализација и на поднесувањето на барањата. Тоа значи дека ќе може да се поднесуваат сите видови барања онлајн, не само од професионалните корисници, туку и од физички лица, односно од граѓаните. Работиме и на целосна интеграција на нашите услуги со националниот систем за е-услуги (uslugi.gov.mk).
Дали имате податоци колку пријави за корупција се поднесени преку кампањата „Не биди соучесник“ и колку од нив се процесирани? Планирате ли нови фази од оваа кампања или дополнителни активности за јакнење на антикорупциските механизми?
– Како што и самите напоменавте во прашањето по само неколку месеци од моето доаѓање на функција, започнавме со превентивната кампања „Не биди соучесник – пријави обид за корупција“. Кампањата има за цел да ја подигне јавната свест за важноста на пријавувањето на корупцијата и евентуалната злоупотреба на службената положба и граѓаните секој сомнеж или конкретен случај на корупција можат да го пријават анонимно преку електронска пошта или телефонски. Од започнувањето на кампањата па до денес има поднесени пријави кои од наша страна се проследени до надлежните органи за понатамошно процесирање.
Истовремено, во Агенцијата постои и Сектор за внатрешна контрола и ревизија, кој врши редовни и вонредни проверки на постапките и работата на геодетските фирми, но и на нашите службеници. Се постапува по претставки и пријави од граѓани, а се следат и атипичните одлуки или постапки кои може да укажуваат на потенцијални нерегуларности. Редовно вршиме обуки на вработените во поглед на почитување на етичките стандарди, административната етика и антикорупциската култура, а соработуваме и со ДКСК и останатите истражни органи со доставување податоци при истраги за сомнежи за корупција и криминал.
Дали цените на катастарските услуги ќе се менуваат повторно, и ако да – во кој правец би оделе тие измени?
– Во овој момент не размислуваме за ново намалување на катастарските услуги, зошто како што напоменав во првото прашање изминатата година ги намаливме најголемиот дел до катастарските услуги во просек за 75%. Агенцијата за катастар на недвижности во најголем дел e самофинансирачка институција која своите финансиски обврски самостојно ги подмирува, a дополнително намалување на цените на катастарските услуги негативно ќе се одрази на финансиската стостојба. Наша цел е со вака намалените цени на катастарските услуги да успееме на што подолг рок да бидеме функционални а развојот на самата институција да не биде доведен во прашање.
Кои се клучните цели што Катастарот планира да ги реализира до крајот на 2025 година?
– Целите кои Агенцијата за катастар на недвижности планира ги реализира се подолгорочни и ќе се реализираат не само до крајот на 2025 година туку ќе продолжат со реализација и во 2026 година. Оваа година почнавме со реализација на еден клучен проект како што е надградбата на софтверот за електронскиот катастар кој е ставен во употреба во мај 2010 година, како информациски систем за поддршка на основните бизнис процеси поврзани со катастарот на недвижности. Технологијата за базата на податоци што беше применета во Електронскиот катастар кој почнал да се развива во далечната 2008 година до ден денес не е технолошки надоградена и истата не е повеќе поддржана од страна на производителот, поради што е потребно да се премине на понова верзија со обезбедена поддршка. Покрај ова, потребно е сите технолошки компоненти кои се користат на сите нивоа да бидат надградени во најнови верзии, за да се осигура повисоко ниво на безбедност и отпорност од неовластени упади, како на системско ниво, така и на апликативно ниво.
Во следниот период ќе продолжиме со унапредување на нашите услуги, со фокус на дигитализацијата, подобрување до пристапот и развој на нови веб-услуги, кои ќе значат економичност во постапките и задоволни корисници. Согласно новиот Стратешки план за периодот 2025-2027 година Агенцијата е фокусирана кон корисниците, кон создавање ефикасен, сигурен и безбеден електронски Геодетско катастарски информациски систем, како и кон зајакнување на институционалните капацитети. При подготовка на овој а и сите останати клучни документи АКН се водеше од главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Република Македонија (сите содржани во Националната развојна стратегија 2024 – 2044 година).
Утврдените стратешки приоритети на АКН се во корелација и со заложбите и приоритетите на Владата насочени кон создавање ефикасни, транспарентни и отчетни институции кои навремено ќе ги обезбедат потребните услуги на граѓаните преку понуда на дигитални јавни услуги во чиј фокус се корисниците на услугите.