Инвеститори во стартапи има, фалат квалитетни проекти

aleksandar naslovna
Александар Тасев, основач на фондацијата Balkan Unlimited

Според Александар Тасев, основач на фондацијата Balkan Unlimited, по 2012 година има голем бум на старт-ап сцената, што е добро, затоа што иновативните стартапи се еден сегмент којшто овозможува одржлив развој и има висока економска вредност.

БИ: Што е Balkan Unlimited? На какви програми и проекти работи фондацијата?

Непрофитната фондација Balkan Unlimited е основана 2011 година и прв проект што го имплементираше беше настанот Balkan Venture Forum (BkVF), којшто се случи во април 2012. По успешниот BkVF, прв таков високопрофилен настан во Македонија, со регионален фокус, почнавме да го организираме вториот BkVF настан во Белград, шест месеци по првиот. Фондацијата до сега организираше пет такви настани, во Скопје, Белград, Софија, Тирана и Сараево. Следниот е во Словенија, Нова Горица, на 12-13 ноември. Слободно можам да кажам дека со тој прв настан од балкански карактер што го организиравме во Скопје, се оформи една старт-ап заедница на Балканот. Интересно беше што во тој период се формираа и неколку инвестициски фондови, па набрзо по нашиот настан, таа регионална старт-ап заедница доби своја кохезија. Сведоци сме дека по 2012 година има голем бум на таа сцена, со голем број на големи и помали настани за стартапи.  И сето тоа е разбирливо бидејќи стартапите се еден сегмент којшто гарантира одржлив развој, има висока економска додадена вредност на сите услуги, сервиси што произлегуваат од таа иновативна заедница.

Кога увидовме дека веќе се формираше таа заедница и дека има потреба од нешто ново, во 2013 година го формиравме проектот Super Founders. Тоа е платформа за акцелерација и инвестирање во стартапи за целиот балкански регион. Почнавме пробно во Скопје, со првата програма за акцелерација во септември – октомври 2013 и тоа траеше до декември. Ова се бесплатни програми. Вредноста на оваа програма е во тоа што проектите ги зема во една најрана фаза и на крајот ги испорачува во една друга повисока фаза, подготвени да се борат на пазар или да побараат инвестиција од инвеститор. Минатата пролет ја направивме втората програма, но не само во Скопје, туку исчекоривме надвор, имавме уште две партнерски организации, Универитет Долна Подгорица во Црна Гора и Иновациски центар Бања Лука, БиХ. Сите заедно на 7 јули имавме Demo Day во Скопје каде што ги собравме сите стартапи и ги промовиравме сите проекти од програмата. Веќе се подготвуваме да ја објавиме третата програма во рамките на Super Founders, со уште повеќе надворешни локации, коишто ги викаме хабови. Ќе ни се приклучат Солун, Нови Сад и уште неколку потенцијални партнери од други локации. Следниот Demo Day  е  закажан, во Истанбул на 16 декември, во партнерство со Инвестицискиот форум на европските бизнис ангели.

3

БИ: Каде се позиционирани македонските стартапи во регионот?

До скоро немаше никаква старт-ап култура. Би рекол кога се случи Balkan Venture Forum во 2012 година, кога дојдоа и стартапите, и експерти, ментори, инвеститори од целиот регион, луѓето видоа што е целата работа, им стана јасно како треба тоа да изгледа, едноставно се отвори индустријата. Заедно со растот на балканската старт-ап заедница, тоа почна да се промовира и тука, да расте, меѓутоа со помала брзина, затоа што после Balkan Venture Forum  не се смогнаа сили тоа да се искористи и локално да се спроведе активна континуирана програма. Во средината на 2013, ние почнавме со SuperFounders акцелераторската програма, почнавме да ја шириме таа свесност и заедница и сега веќе е подруго. Сега веќе има некаква активност, но повторно, во споредба со, на пример Белград, е неколку скалила подолу, ако гледаме на бројот на инвестиции што се случија во стартапи. Но тоа не мора ништо да значи. Доколку се спојат уште неколку коцки може во рок од шест месеци или година дена целата ситуација драстично да се смени. Луѓето многу брзо учат, брзо се прилагодуваат и ги искористуваат можностите, како што видовме со примерите во Бугарија, Словенија, Хрватска. А тука има голем потенцијал, но потребна е повеќе поддршка за квалитетните претприемачи.

БИ: Колку се успешни стартапите генерално? Според некои анализи успева само еден од десет…

1Не би рекол дека е така. Многу пари се инвестираат во стартапи. Има повеќе пари отколку што има квалитетни проекти. Зборуваме за интернационално ниво. Има многу фондови, здруженија на бизнис ангели, милионери и милијардери коишто инвестираат не само од комерцијален, туку и од социјален аспект. Има многу пари, дефицитот е во квалитетни проекти. Ние работиме на тоа да има квалитетни проекти. Кај нас се уште не е доизградена индустријата и затоа е рано да даваме заклучок за Македонија. Од друга страна, низ светот има акцелератори во кои стапката на успешност на иновативните проекти е над 30%. Затоа и ние треба да се стремиме на свој начин да ја достигнеме вредноста што ја испорачува на пример Силиконската долина, која е првиот старт-ап еко систем со вредност од еден трилион долари.

БИ: Има некој сличен екосистем на Силиконската долина што функционира во Европа?

Има во Берлин, Лондон, Париз, но нема ист од таков обем и со таков обрт. Во Европа повеќе се оди на вмрежување на помали системи, вмрежени во голем систем. Затоа и ние така го осмисливме Super Founders, да биде мрежа на хабови со заедничка силна инфраструктура, и пред се инвестициски фонд.

БИ: Да се навратиме на она што набрзо треба да се случи. Што ќе се случува на BkVF во Нова Горица?

Веќе го објавивме линкот за пријавување на стартапите за BkVF во Нова Горица, Словенија и за новата програма и Demo Day во Истанбул. За Словенија ќе избереме 50 стартапи. Од нив 30 ќе добијат пет минути презентација со пет минути прашања, додека 20 ќе имаат само брз elevator pitch, односно една минута да се претстават на сцена. Ќе биде интересно.