ИНТЕРВЈУ ПЕТРЕСКИ: Најавените задолжувања не се важни само според намената туку и како ќе влијаат врз јавниот долг и економскиот раст!

Неискористените пари за капитални инвестиции да не се пренаменуваат за други буџетски трошења туку да се “искористат“ за намалување на буџетскиот дефицит. Олабавување на монетарната политика не треба да има сè додека се соочуваме со ценовен притисок. Најавените задолжувања не се важни само од аспект на намената туку и како ќе влијаат врз одржливоста на јавниот долг – вели во интервју за “Бизнис Инфо“ Благица Петрески, економист.

Бизнис Инфо: Инфлацијата на месечно ниво, втор пат годинава, во септември во однос на август, е со минусен предзнак но, на годишно ниво таа расте со повеќе од 4%. Дали имаме активни политики за менаџирање на инфлацискиот притисок?

Петрески: Инфлацијата во септември повторно бележи намалување на месечно ниво од 0.2%, што е втор месец по ред со пад и претставува позитивна насока во стабилизирањето на цените. Сепак, сè уште е рано да се зборува за трајно смирување, бидејќи во текот на изминатите години сѐ уште имаше притисоци кај цените на храната, а потоа и поизразени притисоци кај цените на услугите што беше рефлексија на интензивирана побарувачка, особено во летните месеци. Треба да осигураме дека ќе настане потрајно смирување и на двата фронта.

Бизнис Инфо: Може ли да се очекува олабавување на монетарната политика?

Петрески: Од аспект на економските политики, монетарната политика останува рестриктивна, што е соодветен пристап додека инфлацијата е над целното ниво. Се очекува Народната банка да не започне со олабавување додека не се потврди траен тренд на намалување на основната инфлација. Во следниот период е важно фискалната политика да го следи истиот тренд – преку воздржаност во јавната потрошувачка и пренасочување на средствата кон продуктивни расходи. Само координирана монетарна и фискална политика може да обезбеди стабилност на цените без притоа да се загрози растот.

Бизнис Инфо: Од страна на Владата повеќе пати се најавуваше примена на веќе донесениот Закон за нефер трговски практики, се најавуваа и непопуларни, но одржливи мерки?

Петрески: Законот за нефер трговски практики е веќе донесен и предвидува јасен механизам за заштита на добавувачите и производителите од доминантното влијание на големите трговци, особено во секторот храна. Она што недостасува не е нова регулатива, туку доследна и транспарентна примена на постојниот закон. Институциите сега треба да покажат оперативна подготвеност – да обезбедат контроли, санкции и реална заштита за пазарните актери кои се соочуваат со нефер услови, наместо законот да остане само декларативен. Се разбира, ако е потребно некакво допрецизирање, тоа треба да се направи без одлагање, но првенствена е ефективната примена.

Капитални расходи – од амбиција до реализација

Бизнис Инфо: Веќе е извесно дека и годинава нема да се испорача целосна реализација на планираните капитални расходи. Од друга страна пак сведочиме дека секојдневно се најавуваат и промовираат проекти од сите сегменти – инфраструктура, образование, здравство. Дали она што се промовира како сработено и она што го покажуваат бројките за реализацијата е во корелација?

Петрески: Реализацијата на капиталните расходи од 43% за десет месеци покажува дека и натаму имаме слаб капацитет за спроведување на инвестиции, било поради административни пречки, доцнење во јавни набавки или нереално планирање. Разликата меѓу перцепцијата и бројките доаѓа од тоа што често се промовираат бројни започнати, но многу помалку завршени проекти. Оваа состојба ги рефлектира системските слабости во планирањето и имплементацијата на капиталните расходи. Проблемот не е само во Министерството за финансии, туку и во линиските министерства, кои често имаат амбициозно, но неусогласено планирање со нивните реални капацитети.

Бизнис Инфо: Која е причината што секоја година зборуваме дека имаме амбициозни инвестициски планови, а на крајот од годината коментираме за неостварување?

Петрески: Недоволната примена на среднорочната рамка за буџетирање, ограничените технички капацитети и одложувањата во тендерските постапки дополнително го намалуваат нивото на реализација. Министерството за финансии најави формирање на Комитет за јавни инвестиции, што е позитивен чекор, но оперативните резултати од неговото функционирање веројатно ќе се почувствуваат од следната година. Препораката за оваа година е нереализираните капитални расходи да не се пренаменуваат, туку да се искористат за намалување на буџетскиот дефицит, со што би се покажала фискална дисциплина и кредибилност во извршувањето на буџетот.

Бизнис Инфо: Како според вас ќе заврши оваа инвестициска година?

Петрески: Ако се задржи досегашниот тренд, инвестициската година ќе заврши со реализација од околу 65–70% од планираните капитални расходи. Тоа би било мало подобрување во однос на претходните години, но сè уште под нивото потребно за целосна реализација. Главниот проблем не е недостигот на средства, туку недоволниот капацитет за реализација. Техничките, административните и процедурните пречки ја ограничуваат способноста јавните инвестиции да се претворат во реален економски раст. Од аспект на приватните инвестиции, раздвижувања има, особено ако се суди според двоцифрениот раст на кредитите кон фирмите, што барем делумно се должи на унгарскиот кредит. Но, нема подетални податоци за тип на инвестиции, сектори и сл., што оневозможува да создадеме поробустна аналитичка слика за импактот на овие средства, кои да не заборавиме, се субвенционирани со пари на граѓаните. Како и да е, поголем дел од ефектот го очекувам догодина.

Бизнис Инфо: Заем од Унгарија, нов заем познат како кредит од Британија, нова Еврообврзница, домашно задолжување – дали сите овие задолжувања ја оправдаа сегашната стапка на економски раст која котира околу 3%?

Петрески: Зголеменото задолжување секогаш носи фискални ризици, особено во контекст на структурен дефицит и продлабочување на јавниот долг. Затоа е важно секој заем да се оценува не само според неговата намена, туку и според долгорочната одржливост на јавниот долг и ефектите врз економскиот раст. Унгарскиот заем од околу 250 милиони евра беше насочен кон инвестициски циклус кај компаниите и општините, со цел преку инвестициската компонента на БДП да се поттикне економскиот раст. Според досегашните податоци, динамиката на растот е во рамките на проекциите, иако главниот двигател останува потрошувачката. Сепак, инвестициската компонента покажува умерен, но позитивен придонес, што укажува дека дел од овие средства веќе имаат ефект, но како што реков, поради недоволно грануларни податоци, не може ефектот да го оцениме попрецизно. Кај британскиот заем (односно гарант на заем кој можеби и веројатно ќе дојде од други извори), кој е во почетна фаза на реализација, сè уште е рано да се зборува за резултати, но токму сега е време за внимателна проценка на потенцијалните ефекти и ризици. Потребно е однапред да се идентификуваат проектите со највисок мултипликативен ефект врз растот, за да се избегне неефикасно трошење и дополнителен фискален притисок. Според најавите, средствата ќе бидат насочени во инфраструктурни проекти, особено железничката мрежа, што има логика од развоен аспект – но ефектот ќе зависи од навремената и ефикасна реализација. Во поширок контекст, задолжувањето мора да биде усогласено со фискалните правила и лимитите на јавниот долг, а секој заем да има јасно дефинирани цели, индикатори за ефект и транспарентен надзор. Само така заемите ќе бидат инструмент за развој, а не извор на нови фискални ризици.

Д.А.