Горивата во Европа „експлодираа“: Април донесе силен ценовен удар во сите земји на ЕУ

Цената на горивото во Европската Унија се зголеми за 20,8 проценти во април оваа година, во споредба со истиот месец во 2025 година. До февруари оваа година, цената на горивото  во ЕУ генерално се намалуваше и за просекот на Унијата и за повеќето земји-членки.

Овие цени се зголемија во сите земји од ЕУ во април, а 15 од нив забележаа зголемување над 20 проценти, објави Европската канцеларија за статистика.

Најголемо зголемување е забележано во Луксембург (+33,8 проценти), Франција и Шведска (и двете +29,3), Латвија (+28,1) и Бугарија (+27,8 проценти). Најмал раст е забележан во Унгарија (+1,5 проценти), Полска (+8,8) и Италија (+12,9 проценти).

Ако ги погледнеме цените на дизелот и бензинот во ЕУ, во април 2026 година, тие се зголемија за 33,7 проценти за дизелот и за 13,6 проценти за бензинот во споредба со април 2025 година. Во март 2026 година, цените на дизелот се зголемија за 19,8 проценти, а бензинот за 9,4 проценти.

На месечна основа, потрошувачите во ЕУ забележаа зголемување на цените на дизелот за 7,9 проценти и на бензинот за 2,4 проценти во споредба со март.

Цените на дизелот се зголемија во сите земји од ЕУ помеѓу март и април. Најголем пораст е забележан во Словенија (+23,5 проценти), Бугарија (+19,5) и Кипар (+18,0), додека најнизок е во Полска (+1,9 проценти), Романија (+2,3) и Бугарија (+2,6 проценти).
Кога станува збор за цените на бензините, 23-те земји-членки на ЕУ забележаа зголемување помеѓу март и април 2026 година, кое се движи помеѓу 12,9 проценти во Словенија и 1,3 проценти во Ирска. Од друга страна, Романија (-1,2 проценти), Шпанија (-4,6) и Полска (-6,1 процент) забележаа пад во април во споредба со претходниот месец.