Ирак не очекува ОПЕК + дополнително да го намали производството на нафта

23

Ирак не очекува организацијата ОПЕК+ дополнително да го намали производството на нафта на следниот состанок во јуни, изјави министерот за нафтена индустрија Хајан Абдел-Гани.

„На следниот состанок, кој ќе се одржи на 3 и 4 јуни, нема да има дополнителни намалувања, а што се однесува до Ирак, не можеме дополнително да го намалиме производството“, рече Абдел-Гани во своето прво интервју за странските медиуми од преземањето на функцијата оваа година, пренесува Ројтерс.

ОПЕК и неговите сојузници предводени од Русија, организација позната како ОПЕК+, се согласија да го намалат производството на крајот на 2022 година.

На почетокот на април, Саудиска Арабија и другите членки на ОПЕК+ најавија дополнително намалување на производството на нафта за околу 1,2 милиони барели дневно.

Таа најава придонесе за нагло зголемување на цената на нафтата. Фјучерсите на суровата нафта од типот Брент беа на 75,65 долари за барел.

Членките на ОПЕК+ треба да се состанат во Виена на 4 јуни за да одлучат за следната процедура.