Словенечкиот суд покрена истрага против Мирко Туш, основач и сопственик на трговскиот синџер Туш, осомничен дека со поткуп добил лиценца за мобилна телефонија од поранешниот директор на државната Агенција за пошта и електронски комуникации, Томаж Симонич. Симонич освен за коруција е осомничен и за злоупотреба на положбата, пренесуваат словенечките медиуми.
Симонич се сомничи дека како директор на Агенцијата, во 2008 година без јавен тендер на претприетието Тушмобил, третиот по големина мобилен оператор во Словенија, во сопственост на Мирко Туш, му доделил ГСМ фреквенција. За таа услуга од Туш добил стан во Пиран.
Окружниот суд во Љубљана вчера потврди дека на предлог на обвинителот е донесена одлука за покренување судска постапка, но се уште не е правосилна бидејќи на осомничените досега не им е врачена преку пошта.
Полицијата во 2011 година на подрачјето на цела Љубљана изврши десетина претреси на станови и куќи, како и на седиштето на компанијата, а ја посети и Агенцијата за поштенски и електронски комуникации во врска со тој случај. Испита и пет лица, меѓу кои и Мирко Туш, чиј имот тогаш бил проценет на 196 милиони евра. Туш во 2010 година беше прогласен за најбогат Словенец.