Италија доби нов банкарски гигант – МПС и Медиобанка се здружија

„Банка Монте деи Паски ди Сиена“ (МПС), најстарата активна банка во светот, ја обезбеди контролата врз конкурентската Медиобанк откако 62,3 проценти од акционерите ја прифатија понудата за преземање од 15,9 милијарди евра. Извршниот директор на „Медиобанка“, Франческо Саверио Винчи,  изјави дека спојувањето со МПС претставува „интересен почеток“ за двете страни.

Тој им рече на вработените во видео порака дека работењето на двете банки е сосема различно и дека тие работат на одделни пазари, што би можело да го олесни процесот на интеграција, пренесува Танјуг.

„Кога плаќате значителен износ за нешто, сакате да го зачувате и развиете. Во таа смисла, спојувањето може да помогне да се прават работите на најдобар начин“, рече тој.

Банката Монте деи Паски ди Сиена помина низ години на длабока криза и национализација во 2017 година.

Од доаѓањето на извршниот директор Луиџи Ловал во 2022 година, профитабилноста на банката се зајакна, а цената на нејзините акции порасна благодарение на зголемувањето на каматните стапки и обемното реструктуирање.

На крилјата на овој успех, MПС успеа да ја преземе многу поголемата Медиобанка, објавува Блумберг. Во комбинираната банка ќе доминира MПС со 60 проценти удел во кредитите и средствата на клиентите.

Планирано е да се комбинираат бизнисите во приватното и инвестициското банкарство, осигурувањето и управувањето со средства, што отвора простор за значителни синергии и забрзано користење на одложени даночни бенефиции во вредност до 2,9 милијарди евра.