Италија дополнително ги оданочува енергетските компании

53

Италија го одобри буџетскиот закон од 35 милијарди евра за следната година со кој ќе се зголеми вонредниот данок на енергетските компании за да се прошири помошта за семејствата и бизнисите погодени од повисоките цени.

Новиот буџет, кој беше претставен од администрацијата на новата премиерка Џорџија Мелони, планира да ја зголеми даночната стапка на дополнителната добивка од продажбата на енергија на 35 отсто од сегашните 25 отсто до средината на 2023 година, соопшти владата.

Данокот во 2023 година ќе се пресметува на дополнителниот нето приход што ќе го пријават компаниите кои продаваат енергија по повисоки цени, а не на прометот како што се прави во моментов.

Законот одобрен од владата сега се соочува со долга парламентарна проверка и треба да претрпи мали измени пред конечното усвојување.