Италија издвои 7,8 милијарди евра за борба против сушата

12

Италија се подготвува да ја одобри одлуката за доделување 7,8 милијарди евра за надминување на сушата што ја погоди земјата, изјави во петокот министерот за енергетика и животна средина Жилберто Пичето Фратин.

Неделите на сувата зима ги зголемија стравувањата дека Италија би можела да се соочи со нова суша по онаа минатото лето, при што на Алпите има помалку од половина од нормалните снежни врнежи, велат научниците и еколошките здруженија.

Одлуката за справување со сушата наскоро ќе биде разгледана од Советот на министри, изјави Фратин во интервју за италијанскиот дневен весник La Stampa.

„Сите ние сме посветени да ги идентификуваме активностите што треба да се преземат со веќе доделените средства, кои според првичната проценка ќе изнесуваат 7,8 милијарди евра“, вели Фратин.

Италијанските реки и езера страдаат од сериозен недостиг на вода, објави еколошката група Legambiente минатиот месец, додавајќи дека реката По – најдолгата река во Италија, која тече од Алпите северозападно до Јадранот – има 61% помалку вода од вообичаеното за ова време на годината.

Минатиот јули, Италија прогласи вонредна состојба за областите околу По, кои сочинуваат околу една третина од земјоделското производство во земјата и ја претрпеа најтешката суша во последните 70 години.

Во наредните месеци приоритет е „да се обезбеди доволно количество вода за да се задоволи побарувачката на италијанските домаќинства и бизниси, особено оние од земјоделскиот сектор“, посочува Пичето Фратин.

„Треба да започне долгорочното планирање за да се подобри ефикасноста на нашата водоводна мрежа, која во некои делови од земјата има истекување на цевки од над 50% во споредба со националниот просек од 37%. Ова е загуба што повеќе не можеме да си ја дозволиме“, додава тој.