Италијанската влада сака на една година да го укине ДДВ за леб, млеко и тестенини

45

Во италијанскиот парламент денеска ќе се расправа за предлог-буџетот, а се предлага и укинување на ДДВ за леб, млеко и тестенини на една година.

Со овој потег италијанската влада се обидува да испрати порака дека се грижи за најсиромашните граѓани за време на кризата, но опозицијата и здруженијата за правата на потрошувачите предупредуваат дека тоа е популистички и многу генерален предлог кој не ги таргетира најсиромашните, туку ги таргетира и најбогатите.

Кодаконс, италијанска организација за заштита на животната средина и правата на потрошувачите, вели дека оваа мерка на Мелони е всушност блеф кој нема да им помогне на граѓаните. Тие наведуваат дека намалувањето на ДДВ за лебот и млекото би создало минимална заштеда за потрошувачите од 15,8 евра по семејство годишно, пишува италијанската агенција Анса.

Според податоците на италијанскиот национален институт за статистика (Истат), просечното семејство во Италија годишно троши 261,72 евра за леб, 140,40 евра за тестенини и 142,08 евра за млеко. Во случај на укинување на ДДВ, вкупната годишна заштеда е 21,56 евра. Италијанците би заштедиле 10,7 евра за леб, 6,90 евра за млеко и 5,40 евра за тестенини, покажуваат податоците на Истат.

„Намалувањето на ДДВ за лебот, тестенините и млекото е медиумска мерка која не носи вистински бенефит за потрошувачите.

Тоа е интервенција што би довело до просечна годишна заштеда од 180 евра за пар без деца и до над 300 евра за семејство со повеќе од едно дете“, изјави за Анса, Карло Риенци, шеф на италијанското здружение на потрошувачи.

Од најавеното намалување на ДДВ не се задоволни ниту пекарите во Италија. Фабрицио Росиоло ​​е сопственик на пекара и е загрижен за своите 18 вработени. Високите трошоци за материјали, состојки и енергија веќе го натерале да ја покачи цената на лебот за 12 отсто.

„За само една година месечната сметка за бензин ни се зголеми од 1.200 евра на 5.500 или речиси 6.000 евра, а сметката за струја од 1.500 на 5.700 евра. Имаме две печки, едната работи на струја, другата на гас. Моравме да ја исклучиме рерната на струја, бидејќи сметката би била превисока“, изјавил Италијанецот за Euro news.

За да профункционира предложената мерка од буџетот, пекарите треба да ја намалат цената на лебот за речиси четири отсто и покрај зголемените трошоци и инфлацијата. Активистите предлагаат владата да го намали ДДВ за струја и гас.

Исто така, сметаат дека треба да се обнови и исплатата на бонусот од 200 евра, што беше предлог на италијанскиот претседател Марио Драги. Тие наведуваат дека на овој начин може да се даде конкретна помош за најзагрозените граѓани.