Избришани 400 милијарди долари од вредноста на европската технолошка индустрија

106

Повеќе од 400 милијарди долари од вредноста на европската технолошка индустрија се избришани оваа година, според лондонската компанија за ризичен капитал Atomico.

Вкупната вредност на сите јавни и приватни европски технолошки фирми падна на 2,7 трилиони долари од 3,1 трилиони долари на крајот на 2021 година, објави Atomico во својот годишен извештај „Состојба на европската технологија“.

Овие бројки покажуваат дека ова беше многу тешка година за технолошкиот сектор, пренесува CNBC.

Некогаш високо ценетите акции на технолошките компании беа под притисок на глобалните фактори, вклучително и конфликтот во Украина и заострувањето на монетарната политика на централните банки.

Федералните резерви и другите централни банки ги зголемуваат клучните каматни стапки и ги намалуваат стимулациите од ерата на пандемијата за да ја зауздаат ​​растечката инфлација. Тоа ги поттикна инвеститорите да ги преиспитаат своите позиции во технолошките компании кои прават загуби.

„Ова беше тешка година – војната во Украина, инфлацијата, зголемувањето на каматните стапки, геополитичките тензии низ целиот континент. Тоа е најпредизвикувачкото макроекономско опкружување од глобалната финансиска криза“, изјави за CNBC Том Вемајер, партнер во Atomico.

Одредени технолошки компании во Европа претрпеа остар пад на пазарната вредност. На пример, шведската fintech групација Klarna, која нуди услуга „купи сега – плати подоцна“, ја намали својата проценка за 85 отсто, од 45,6 милијарди долари на 6,7 милијарди долари.

Во исто време, акциите на сервисот за стриминг на музика Spotify паднаа за повеќе од 60 отсто во изминатата година.

Се проценува дека вкупното финансирање на европските стартапи ќе падне на 85 милијарди долари оваа година, се наведува во извештајот на Atomico, врз основа на квантитативни податоци и анкети во 41 земја, пренесува Спутник.

Тоа е за 18 отсто помалку од повеќе од 100 милијарди долари собрани од европските стартапи во 2021 година.

Сепак, проценетата сума сè уште е втора по големина досега инвестирана во европскиот технолошки екосистем, според Atomico.

Европските технолошки инвестиции достигнаа рекорд минатата година бидејќи учеството на американските инвеститори се зголеми. Годинава забележа пресврт на тој тренд, при што странските инвеститори главно се повлекуваа.

Бројот на активни американски инвеститори во т.н „Мега круговите“ од 100 милиони долари или повеќе паднаа за 22 отсто во однос на минатата година, покажува извештајот на Atomico.