Издадена и пуштена во оптек нова серија ковани пари за колекционерски цели

21
image description

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека е издадена и пуштена во оптек новата серија ковани пари за колекционерски цели Православни светци (Службен весник на Република Македонија бр. 128/18).

Серијата ги содржи кованите пари Св. Никола Чудотворец, Св. Серафим Саровски, Св. Сергиј Радонежски и Св. Пантелејмон, кои ги имаат следниве карактеристики:

– На аверсот, во централниот дел на секоја од кованите пари е прикажан грбот на Република Македонија. Под грбот е прикажана годината на издавање 2018. Во горниот дел на аверсот е наведена деноминацијата 10 денари, а во долниот дел е името на земјата што ја издава кованата пара ‒ Република Македонија. На двете страни по должината на вертикалните рабови има цветен украс.

– На реверсот, во централниот дел на секоја од кованите пари се наоѓа портрет на светецот чие име го носи, со испечатен златен ореол и украс на основата. Над портретот се поставени два кристала сваровски. По должината на вертикалните рабови е испишано името на светецот чиј портрет се наоѓа во централниот дел на парата. Во долниот лев агол е испишана ознаката Аg 925.

Овие ковани пари се изработени од сребро Ag925, со тежина на среброто од 7 г, чистота на среброто од 6,48 г, во правоаголна форма со димензии 17 х 24 мм, полирани се со тампон печатење со златна прашина и содржат кристали сваровски.

Цената на секоја од кованите пари за колекционерски цели од серијата Православни светци изнесува 1.500,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од НБРМ се законско средство за плаќање во Република Македонија.

Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на НБРМ во делот Ковани пари за колекционерски цели.