Измени во системот Мој термин

66

lekari-630x365 Пациентите повеќе ќе нема потреба да одат кај нивниот матичен лекар за да го донесат заверениот упат кој е креиран при итен преглед во установа од повисоко ниво. Тоа го предвидуваат најновите измени во услугата „Мој термин“.
Со измените, упатот за кој веќе има електронски запис во системот по автоматизам ќе биде прифатен и поврзан со пресметката и останатите обврски на установата од повисоко ниво.
Втората новина се однесува на олеснување на упатувањето пациенти, односно при закажување контролни прегледи кај специјалисти или кај субспецијалист. Од сега контролните прегледи ќе ги закажува специјалистот или субспецијалистот кај кого се врши прегледот, односно упатот кој е издаден од матичниот лекар при првиот преглед ќе продолжи да важи до завршувањето на лекувањето, но најмногу една година.
Ова најчесто ќе се користи кај пациентите со хронични заболувања со што автоматски и при првата посета кај специјалист или субспецијалист за нив ќе се обезбеди термин за контрола. Така ќе се елиминира потребата овие пациенти да бараат слободен термин за нивните потреби.
Двете измени, како што посочија од Министерството за здравство, се однесуваат на досега најчестите забелешки на пациентите и лекарите за услугата Мој термин. Со измените се очекува матичниот лекар за хроничните пациенти да издава упат еднаш годишно со што треба да се намали и притисокот кај матичните лекари. Воедно измените треба значително да го намалат бројот на непотребно креирани термини за време за преглед кои се однесуваат на контрола, како и одењето на пациентите кај матичниот лекар за ретроградно издавање на упат за итни случаи.
Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека во изминативе шест месеци се издадени 270.000 упати за веќе завршени прегледи за кои е побарано од пациентите да одат кај матичните лекари да го заверат.
Статистиката покажува дека бројот на зафатени термини за јануари изнесува 337.562, во декември биле реализирани 324.041, а во ноември 336.223. За февруари се креирани 389.113 слободни термини, за разлика од јануари кога беа креирани 398.754, а во декември 412.312 прегледи. Опаѓањето пред се се должи на земањето годишни одмори на дел од докторите.
Во јануари се издадени 55.000 приоритетни упати, а во ноември 2013 година имаше скоро 93.000 такви упати. Најмногу, дури 67% се креирани од матичните доктори, потоа следуваат педијатрите со 7,8%, за интерна медицина 4%, гинекологија 3% и медицина на труд 2,5%. Најмногу пациенти се упатени кон интерна медицина, офтамологија, ортопедија, оториноларингологија, педијатрија, неврологија, психијатрија, кожно, кардиологија, инфективно и урологија.
Во јануари до пациентите се испратени 79.500 СМС пораки за нивните закажни термини. Од 16 декември до крајот на минатата година беа пратени 33.000 вакви пораки, а за првите пет дена од февруари 18.900. Најмногу пораки се испраќаат во вторник, понеделник и недела, а најмалку во четврток и петок. Просечно дневно се испраќаат од 4.500 до 4.800 пораки.