Извозот на хемикалии од ЕУ достигна нов рекорд во 2024 година

Извозот на хемикалии и сродни производи од Европската Унија во земји надвор од ЕУ се зголеми на 560 милијарди евра во 2024 година, што е нов рекорд. Ова е зголемување од седум проценти во споредба со 2023 година, кога беа извезени 523 милијарди евра хемикалии и сродни производи, објави Европскиот завод за статистика – Евростат.

Вредноста на увозот се намали за еден процент, на 322 милијарди евра, во споредба со 326 милијарди евра во претходната година.

Меѓу земјите од ЕУ, петте најголеми извозници во земји надвор од ЕУ беа Германија, која извезе 134 милијарди евра, Ирска со извоз во вредност од 82 милијарди евра, додека на третото место е Белгија, со извоз на хемикалии во вредност од 62 милијарди евра. По нив следуваат Франција, која извезе 54 милијарди евра, и Холандија, на петтото место, која извезе 50 милијарди евра.

Главните дестинации надвор од ЕУ, според Евростат, беа Соединетите Американски Држави, во кои беа извезени хемикалии и сродни производи во вредност од 170 милијарди евра.

Следува Швајцарија со извоз од 64 милијарди евра, додека на третото место е Обединетото Кралство, во кое се извезени 47 милијарди евра од овие производи.

Кина е на четвртото место, каде што се извезени хемикалии и сродни производи во вредност од 36 милијарди евра, по што следува Јапонија, каде што се извезени 18 милијарди евра.

Во однос на увозот на хемиски и сродни производи, Германија беше најголемиот увозник од земји надвор од ЕУ во 2024 година, според Евростат, и оваа земја увезе хемиски производи во вредност од 56 милијарди евра.

Зад неа е Белгија, која увезе хемиски производи во вредност од 45 милијарди евра, по што следуваат Холандија, со увоз од 43 милијарди евра, Италија со 34 милијарди евра и Словенија, која увезе хемикалии и сродни производи во вредност од 29 милијарди евра.