Јануарските пожари во Лос Анџелес беа најскапите во историјата на осигурителната индустрија

Јануарските пожари во Лос Анџелес беа најскапите во историјата на осигурителната индустрија, според германската компанија за реосигурување Munich Re.
Тие најавија дека очекуваат отштета од околу 1,2 милијарди евра поради овие пожари, пренесува француската новинска агенција АФП.

Munich Re во соопштение за печатот наведе дека проценката на износот на побарувањата за компензација е предмет на висок степен на несигурност поради сложеноста на настанатите загуби. Сепак, таа сума би претставувала „најголеми загуби од пожари во историјата на осигурувањето“, напишаа тие.

Овие пожари ќе влијаат на работењето на реосигурителната компанија во првиот квартал од оваа година, но од „Munich Re “ уверија дека се добро подготвени да ги покријат трошоците од вакви природни катастрофи.

Од аспект на осигурување, пожарите во Лос Анџелес не беа проблем, увери извршниот директор на Munich Re, Јоаким Венинг. „Ризиците што предизвикуваат значителна штета се дел од нашиот бизнис“, рече тој.

И покрај големите штети предизвикани од пожарите во Лос Анџелес, Munich Re очекува нето добивката оваа година да се зголеми на шест милијарди евра. Годинава се очекуваат приходи од 64 милијарди евра.

Минатата година реосигурителот забележа нето добивка од 5,7 милијарди евра. Само во последниот квартал од минатата година добивката изнесува 979 милиони евра, што е за три отсто помалку од истиот период лани.

Вкупните осигурени штети поради големи катастрофи минатата година ја чинеа групата 3,9 милијарди евра, од кои 2,6 милијарди се однесуваат на природни катастрофи. Најголема штета предизвика ураганот Хелена, кој го опустоши југоисточниот дел на САД во септември минатата година, а Munich Re го чинеше половина милијарда евра.

Ураганот Милтон, кој оттогаш ја погоди Флорида, го чинеше Munich Re 400 милиони евра во последниот квартал од минатата година, пренесува АФП.