Јапонскиот амбасадор во работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје

26

Делегација на јапонската Амбасада во Скопје, предводена од Н.Е. Амбасадорот Савада Хиронори, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје. Во рамките на посетата, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, делегацијата имаше можност да се запознае со работењето на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствениот асортиман и со производствените можности. Во текот на презентацијата беа истакнати големиот број инвестиции и проекти што ги реализира „Алкалоид“ во континуитет, како и определбата и фокусот на компанијата во делот на извозната политика и големиот број проекти и заложби во делот на општествената одговорност.

Соработката на „Алкалоид“ со јапонскиот гигант „Фуџи“ е трасирана во 1978 година, кога компанијата била еден од најголемите увозници на рендген-филмови во земјава. Денес, со користење на најновите сознанија и на модерните јапонски пракси, програмата билкарство на „Алкалоид“ е сертифицирана во согласност со јапонскиот стандард за органско производство, а алкалоидови вработени, преку Јапонската асоцијација за техничка соработка и за одржливи партнерства (AOTS), ги зајакнаа своите вештини и компетенции на разни едукативни програми во тренинг-центрите на АОТС во Осака, Нагоја и во Токио. Амбасадата на Јапонија во Скопје е голем поддржувач на македонското здравство, со голем број остварени донации и доделени грантови на неколку здравствени капацитети во земјава.

По официјалниот дел, при обиколката на производствените капацитети од сегментот фармација, амбасадорот Хиронори имаше можност да стекне увид во целокупниот синџир на производство и да се запознае со производствените процеси, техничко-технолошките можности и со применетите стандарди во работењето. Одблизу се запозна и со високото ниво на технолошка опременост, со применетите високи стандарди и со обучениот кадар кој управува со процесите во Институтот за истражување и развој.

Имајќи ја предвид главната стратешка определба на „Алкалоид“ како извозна и како глобално ориентирана компанија, оваа посета на јапонскиот амбасадор е од особено значење и претставува одлична можност за изнаоѓање нови форми на соработка меѓу „Алкалоид“ и компаниите од јапонскиот пазар.