Првиот потпретседател на српската влада, Александар Вучиќ најави можност српскиот авиопревозник ЈАТ наскоро да потпише договор со емиратски Етихад и да го смени името во Air Serbia.
“Со гордост ќе можеме во иднина да се фалиме со Air Serbia, која ќе биде подобра од ЈАТ во секој поглед, неспоредливо поуспешна и подобра компанија отколку што е ЈАТ”, изјави Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.
Генералниот директор на ЈАТ, Велибор Вукашиновиќ, изјави претходно дека експерти на Етихад од Обединетите Арапски Емирати интензивно го анализираат работењето на оваа компанија откако на 17 јуни со српската влада потпишаа Меморандум за разбирање. На 15 април двете авиокомпании потпишаа договор за соработка преку заеднички летови и продажба на билети. Врз основа на тој договор, Етихад од 15 јуни воведе секојдневни летови меѓу Белград и Абу Даби.